Македонија
22. September 2024 - 16:49

Академијата за судии и обвинители ќе добие нов директор, во трка седуммина кандидати

Седуммина кандидати се во трка за прв човек на Академијата за судии и јавни обвинители. Желба да седнат на раководната позиција имаат петмина судии и двајца обвинители.

Во двонеделниот рок за пријавување, кандидатури поднеле заменик директорот на Академијата, Илир Исени, судиите од Кривичен, Оља Ристова и Ненад Савески, управната судијка Едита Насковска и граѓанскиот Андреј Димовски. Пријави испратиле и обвинителката Спасенка Андоновска од скопското обвинителство и Ирина Трајкоска Стрезоска од вишото во Битола. 

Од Академијата за Сител велат дека следнава недела ќе се изготви извештајот со кандидати кои ги исполнуваат условите. Во рок од осум дена треба да се закаже и седницата за избор на нов директор. 

„Управниот одбор на Академијата, со мнозинство гласови донесува одлука за именување директор“, пишува во статутот на институцијата.

Институцијата бара нов директор откако Наташа Габер Дамјановска поднесе оставка. Антикорупциската комисија ја повика на одговорност бидејќи за време на избори институцијата продолжила со селекција на кандидати за идни судии и обвинители. ДКСК и Управниот суд одлучија дека заради изборната кампања, процесот требало да мирува. 

Институцијата пак се најде и под лупа на обвинителството. Во мобилниот на врховниот судија кој беше фатен со мито од 15 илајди евра била пронајдена сомнителна комуникација со вработен во Академијата, па се анализирала документација за три генерации слушатели на обуката.

Во нив пак судии и обвинители станаа синот на поранешниот собраниски спикер талат Џафери, како и сопругата на обвинителот Ислам Абази. Меѓу нив со звање судија се стекна и синот на разрешениот Наќе Георгиев.