Свет
11. January 2025 - 8:43

Американските компании донираат средства за настраданите од пожарите во Калифорнија

Филмската компанија „Волт Дизни“, соопшти дека ќе донира 15 милиони долари помош за настраданито од катастрафалните пожари во Лос Анџелес и за обнова на локалната инфраструктура, а за слична намена планирани се пет милиони долари од Националната фудбалска лига на САД (НФЛ).

Еден милион долари вети и филмската компанија „Парамоунт“, јави синоќа „Лос Анџелес тајмс“.

Средствата ќе бидат префрлени на локални организации кои им помагаат на погодените од шумските пожари како американскиот Црвен крст, Фондот за противпожарна заштита на Лос Анџелес и Регионалната банка за храна на Лос Анџелес.

- Волт Дизни дојде во Лос Анџелес со својата неограничена фантазија и токму овде го основа својот дом, да ги следи своите соништа и да создава извонредни приказни кои значат многу за милиони луѓе низ светот.

Горди сме што можеме да помогнеме на оваа издржлива и динамична заедница во овој тежок момент, се наведува во синоќешното соопштение од компанијата.

Фондацијата за хуманитарни цели на НФЛ ќе ги додели средствата за поддршка на настраданите од пожарите.

Тимовите Лос Анџелес Чарџерс, Лос Анџелес Ремс, Минесота Вајкингс и Хјустон Тексанс веќе уплатиле донации во фондот.

На 30 јануари пак е планиран хуманитарен концерт „Фајраид“ (Fireaid), со цел да се соберат средства за надминување на штетите од пожарите.

На концертот треба да настапат многу американски поп и рок ѕвезди.

Како што јавуваат дел од американските медиуми, и покрај заканата од нови пожари многу жители започнале да се враќаат во своите населби иако огнот насекаде сè уште е присутен.

„Оние што се вратија во уништените области плачеа или само стоеја, обидувајќи се да сфатат што се случило. Повеќето од нив носеа маски поради густиот чад.

На местата каде што имаше куќи, згради и други градби останаа само урнатини. Редици со автомобили изгореле толку многу што се претворија во пепел, а стаклата исчезнаа, наведуваат медиумите.

Како резултат на неколкуте пожари што неделава избувнаа во густо населена област лоцирана 40 километри северно од центарот на Лос Анџелес изгореа над 12,000 куќи и други објекти.

Причината за пожарите сè уште не е утврдена. Според податоците од медицинската експертиза на округот Лос Анџелес, загинати се најмалку 11 лица.

Властите вчера отворија центар каде луѓето можат да пријават исчезнати лица. Десетици илјади луѓе сè уште се евакуирани. Опожарените подрачја зафаќаат околу 145 квадратни километри.

Во наредните денови се предвидува засилување на ветерот, што може да придонесе за ширење на пожарите.