Антикорупциска не најде судир на интереси кај Томовски
Антикорупциска не утврди судир на интереси кај директорот на Службата за општи и заеднички работи на Владата, Ивица Томовски и фирмата за која се тврдеше дека е во сопственост на неговиот татко и добивала тендери од СОЗР.
Постапката која ја водеше ДКСК е запрена, но од таму велат ќе ја проверувале вистинитоста на изјавтаа за имотната состојба на Томовски. Антикорупционерите на денешната седница појаснија дека од проверките во Централниот регистар, утврдено било дека од 2021 година таткото на Томовски се повлекол од сопственичката структура, а од лани, компанијата добила и нов сопственик.
- Од податоците од електронскиот систем за јавни набавки е видно дека не се наведени податоци за договори склучени помеѓу наведеното трговско друштво и институцијата со која што раководи службеното лице, изјави Софија Спасовска Медарска, Член на ДКСК.
Антикорупционерите ги проверувале и тврдењата дека новиот сопственик е близок со Томовски, но тоа според ДКСК не може да се проверува бидејќи во Законот за спречување на корупција и судир на интереси, пријателските односи не се сметале за блиски лица. Сепак, ДКСК преку проверка на имотната состојба на Томовски ќе испитува нивна поврзаност.
Случајот го отвори опозициската СДСМ која тврдеше дека фирма поврзана со семејството на Томовски добила 160 тендери од државни институции вредни над 5 милиони евра. Тој ги отфрли обвинувањата и рече дека никој од неговото потесно семејство нема сопствеништво во компанијата посочена од партијата.
Антикорупциска на денешната седница поведе постапки против 234 општински советници кои не поднеле изјави за имотна состојба. Сите ќе заработат прекршочен платен налог.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
