Македонија
10. March 2026 - 21:08

Партиите за предлогот Савески да е државен обвинител

Судијата Савески е сè поблиску до функцијата државен јавен обвинител. Извесно е дека ќе го добие потребното мнозинство од најмалку 61 пратеник во парламентот, иако од неговото номинирање од Владата поминаа само неколку часа.

Она што е неизвесно е дали на пратениците од власта ќе им се приклучат и оние од опозицијата.

Од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ целосно застануваат зад изборот што го направија на Илинденска: дека од понудените кандидати од Советот на обвинители, Савески има богато професионално искуство, но и дека неговиот избор значи одговорност, имајќи ја предвид потребата од професионализација и јакнење на независноста на Јавното обвинителство.

На прашањето дали ќе го поддржат владиниот предлог, одговараат:

„Секако, Владата го следи нашиот пат за кој зборувавме во годините додека бевме во опозиција: дека судството и обвинителството беа партизирани и ја немаа довербата од граѓаните.“

Слични ставови, иако сè уште не официјално, споделуваат и од Вреди.

Главната опозициска партија СДСМ засега е без став за тоа како ќе се произнесат на седницата за избор на државниот обвинител. Тие веднаш по објавата на Владата на името на Савески направиле партиска консултација, но став сè уште немаат изградено. Велат дека ќе го соопштат дополнително.

Од ДУИ не откриваат како ќе гласаат, но немаат дилема дека судијата ќе биде избран за обвинител.

„Кандидатот за јавен обвинител на Република Северна Македонија ги исполнува формалните услови за функцијата за која е предложен. Очекуваме неговото работење да не биде дел од очекувањата на власта за обвинител близок до политиката, туку да придонесе за зацврстување на владеењето на правото и за гонење на криминалот, со почитување на современите стандарди на правична и фер постапка.

Во исто време, Владата не спроведе транспарентен и инклузивен консултативен процес при предлагањето на кандидатот, што остава дилеми околу пристапот на Владата во вакви клучни именувања“, велат од партијата на Ахмети.