Loading Video...
Свет
22. March 2026 - 16:53

Часовникот отчукува: Трамп му постави ултиматум на Техеран – имаат помалку од 48 часа

Часовникот на глобалниот енергетски пазар почна да отчукува по 48-часовниот ултиматум кој американскиот претседател му го постави на Техеран. Трамп бара итно повлекување на иранските воени капацитети од Ормутскиот Теснец, во спротивно, им се закани со директна воена интервенција за обезбедување на слободниот проток на нафта.

„Доколку Иран не го ОТВОРИ ЦЕЛОСНО, БЕЗ ЗАКАНА, Ормускиот теснец, во рок од 48 ЧАСА од овој точен момент, Соединетите Држави ќе ги нападнат и ќе ги уништат своите различни ЕЛЕКТРАНИ, ПОЧНУВАЈЌИ ПРВО ОД НАЈГОЛЕМАТА!“, напиша Трамп вчеравечер во 19.44 минути на Truth Social.  

Иако овој клучен поморски премин, преку кој транзитира 20 посто од светското производство, технички сè уште е отворен, тој во моментов е практично нефункционален. Поради високиот безбедносен ризик, водечките бродски компании го сопираат движењето на танкерите, а осигурителните квоти за пловидба во овој регион бележат екстремен раст.

По изјавата на Трамп на светските берзи, цената на нафтата повторно скокна на 100 долари за барел. За државите од Западен Балкан, кои се целосно зависни од увозот на деривати, овие 48 часа не претставуваат само геополитичка криза, туку директен најавувач на нов бран на поскапувања на малопродажните цени на горивата.

Словенија од денеска со кокретни мерки за сузбивање на ценовниот шок. Се активира армијата за зголемување на бројот на испораки до бензинските пумпи и за ограничување на потрошувачката, особено кај странските државјани. Премиерот уверува дека Словенија има доволно резерви и нема да остане без нафта. 

„Прво, првиот резултат од вклучувањето на Словенечката армија, како што веќе изјавив вчера, е дека владата ја активираше Словенечката армија; конкретно, и цистерните и персоналот на Словенечката армија ќе транспортираат гориво кое ќе им биде ставено на располагање на превозниците за транспорт на гориво. Второ, врз основа на позитивното искуство на МОЛ, владата ќе воведе општо ограничување на дозволената количина на гориво по трансакција, односно до 50 литри за физички лица и до 200 литри за правни лица“, изјави премиерот Роберт Голоб.

Во меѓувреме, Словенците паничко ги полнат резервите. 

„Мислам дека ова е многу тешка ситуација, затоа што што и да направиш во овој случај може да биде погрешно. Ми се чини дека дури и да било најавено зголемувањето на цените, во наш менталитет е кога ќе се случи нешто вакво и нема гориво, секогаш да има паника, знаеш, можеби тоа доаѓа од старите времиња“, Дарја Соучек, Словенка.

„Значи денес ќе платам 48 евра за бензин. Но вчера имавме проблем затоа што чекавме повеќе од 20 минути во ред во друг град и можевме да наточиме само 30 литри дизел.“.“, Тамара Гале Беасинки, професорка во Словенија. 

Соседна Србија примени најагресивни мерки за да се спречи ценовниот шок. Намалени се акцизите на дериватите за 60%, а има воведено и забрана за извоз на нафта до април 2026-та. Минатата недела Србија ја намали акцизата на гориво за 20% за да спречи покачување на цените, а Вучиќ во петокот рече дека владата ќе ја намали уште за дополнителни 40%.

Хрватите го применија моделот Price Cap, поточно двонеделни ограничувања на цените на стандардниот бензил и дизел. 

Мицотакис во борба против профитерството - ги ограничи профитните мажри на нафтените компании и на бензиските пумпи. 

Бугарското собрание изгласа формирање на нов фонд кој ќе се полни од зголемените приходи од ДДВ на скапите горива. Овие пари потоа ќе им се исплаќаат директно на сметките на граѓаните со најниски примања за да можат да го издржат растот на трошоците за транспорт.