Македонија
22. October 2024 - 16:42

Детален список: Што поевтини, а кои производи поскапеа со есенската кошничка?

Над 61.200 денари му се потребни месецов на четиричлено семејство за да ги покрие најосновните трошоци. Новата пресметка на синдикатите покажа дека ограничените маржи ги поевтинија храната и пијалоците. Споредбено со септември, месецов, според ССМ, едно четиричлено семејство ќе потроши 965 денари помалку за јадење и пиење. Сепак, поскапување од над 570 денари има за облека и обувки, а повеќе пари се потребни и за комуникации, транспорт и за хигиена. Се на се, кошничката за октомври е поевтина за само 57 денари од таа во септември. 

„Тоа е скоро ништо. Ниедно евро не е намалена кошничката. Слободно може да кажеме дека куповната моќ на граѓаните, работниците и пензионерите не е подобрена. ССМ ќе бара да биде вклучен токму во такви мерки кои планира да ги носи владата бидејќи од 60 производи во храна и пијалоци, 47 се преземени токму од нашата потрошувачка кошничка. Мора да потенцираме и нагласиме дека тие трговци на мало кои предвидоа дека ќе има замрзнување на маржите, и те како ги зголемија цените уште пред минатиот месец и затоа овој месец нема никакво намалување реално“ – Иван Пешевски, ССМ

Сител доби детален список од ССМ. На него се сите продукти со ограничени маржи. Споед нивните анализи, поевтинување има кај брашното, тестенините, оризот, урдата, кашквалот, поголемиот дел зеленчук и овошје, млечното чоколадо. Од друга страна ССМ евидентира поскапување на зејтинот, млекото, јогуртот, путерот. Исти цени забележале кај сирењето, јајцата, месото, медот...

Заменик министерот за економија и труд, пак, вели добри ефекти покажала и мерката за замрзнати цени на училишниот прибор.

„Од анализите што ги направивме, намалувањето на училишните производи е околу од 20 до 40, 50% по производи, а просекот е од 25 до 30% намалување на производите и заштеда по ученик на фамилија од 750 до 2 илјади денари“ – Марјан Ристески, Заменик министер за економија и труд

Есенската кошничка ќе биде на сила до крајот на октомври. Според најавите, по примерот на оваа, ќе се прават и новогодишна, божиќна, рамазанска и велигденска кошница.