Македонија
6. March 2026 - 16:38

Документ на ЦИА за Киро Глигоров ги разбуди партиите за името

Декласифициран документ на американската тајна служба ЦИА за тоа дека Киро Глигоров во 90-тите години одбил грчка понуда од 100 милиони долари за да го смени името Република Македонија ги разбуди партиските духови кој и како го променил старотот уставно име во 2018 година и зошто не се врати? 

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ повикува на истрага за тоа дали било извршено, како што велат, национално предавство од тогашниот премиер и лидер на СДСМ, Заев, и неговиот наследник Филипче. 

„Ако Киро Глигоров, како поранешен претседател, одбил 100 милиони долари за промена на името, колку Заев и Филипче имаат земено за промената на името Македонија? Тоа е прашањето кое што се наметнува по овој случај. И тоа е сосем легитимно прашање кое треба јавно да биде одговорено од ова дуо, бидејќи како прво, станува збор за прашање од важност за државата и за граѓаните, и како второ, ако земале пари, тоа се пари кои што се земени од нелегални активности и треба да се одговара за истото. Да потсетиме дека овие двајца се врзуваат со згради во Дубаи,со индиски авиокомпании, со фирми на Балканот, јахти и така натаму. Дали парите им се заработени од продажбата на името на Македонија се трошат на ваков начин  и за колку пари го продале ако го сториле истото? ВМРО-ДПМНЕ повикува на истрага од надлежните институции за ова најголемо национално предавство.“, изјави Миле Лефков, ВМРО-ДПМНЕ

Од СДСМ возвраќаат дека ВМРО-ДПМНЕ во Собранието располага со доволен број пратеници да направи уставни измени и да го врати старото државно име.

„Зошто сега не го смените името? Зошто сега не го направите тој чекор? Излезете и покренете иницијатива во Собранието. Вие знаете тоа многу лесно да го направите, во еден ден – исто како што го сторивте со декретот за забрана на говор. Но кажете ѝ тогаш и на меѓународната заедница, на Европската Унија и на НАТО и кажете му на народот, додека летаат ракети кон Европа, дека Македонија нема да биде во НАТО, дека нема кој да нè брани и дека ќе бидеме сами. Кажете отворено дека повторно ќе бидеме БЈРМ, дека повторно ќе бидеме ФИРОМ. Ајде, de facto и de jure, меки ткива, мекотели .Имате 58 пратеника, ги имате ЗНАМ, ги имате ВЛЕН, а богами, после лидерската средба ги имате и ДУИ ги имате, и Левица. Што ве спречува да го направите овој потег?“, изјави Андреј Жерновски, СДСМ

По наредба на новиот директор на ЦИА Џон Ратклиф во текот на февраури Агенцијата декласифицираше 30-тина документи под изговор дека не ги задоволувале критериумите на непристарасност и биле под политичко влијание на претходните администрации на САД. Меѓу овие документи се наоѓаат и четири документи за Македонија поврзани со поранешниот претседател Киро Глигоров. Два документа се негова биографија и дејствување во кои се споменува и обидот за потткуп за смена на името, додека другите два се однесуваат на неговиот атентат.