Македонија
26. February 2026 - 16:42

Дополнителни 186 милиони евра и нов рок за автопатот Кичево–Охрид

По 12 години градба, автопатот Кичево–Охрид добива нов рок и нова цена. Со осмиот анекс на договорот меѓу Јавното претпријатие за државни патишта и кинеската компанија Синохидро, ќе се обезбедат дополнителни 186 милиони евра за да се доврши целата траса. 

Се додаваат и плус пет месеца за добивање употребна дозвола – односно за да се завршат сите административни процедури. Со тоа, новиот краен рок за завршување е 31 мај 2027 година.

Собранието синоќа ги изгласа законските измени со кои се отвора патот за потпишување на анексот.

- Предвидуваме непредвидени работи за стабилизација на свлечишта. Ќе се градат 14 галерии долж автопатот. Ќе се изведат и дополнителни работи за еластична одбојна ограда, со примена на европски стандарди, а која не била предвидена воопшто. Понатаму непредвидени дополнителни финансиски средства за изградба на контролен центар за тунелите кој ќе служи и за тунелот што ќе се гради на делницата Кичево-Букојачни. дополнителни работи за паралелни пристапни патишта што не биле предвидени во првичниот план – кажа министерот за транспорт, Александар Николоски. 

Автопатот е долг 57 километри и се гради од 2014 година. 

Лани беа пуштени во сообраќај околу 40 километри – делниците Врбјани–Ботун и Климештани–Охрид. 

Досега се потрошени околу 558 милиони евра.