Драстичен скок на цената на нафтата, последиците кај нас допрва ќе следат
Цената на нафтата надмина 126 долари за барел. Најавите дека САД се подготвуваат за долга блокада на иранските пристаништа ја вивнаа цената на највисоко ниво во последните 4 години. Како ова ќе се одрази кај нас ќе се знае во понеделник, кога Регулаторната комисија ќе донесе нови цени на горивата. Владата засега не планира повторно да го намали ДДВ-то на дизелот, но можно е акцизата на бензините да се скрати дополнително, од 2 на 4 денари.
Експертите предупредуваат - државната помош да се фокусира на најранливите.
„Јас се залагам да се наплати со пропишаните норми, а да се распоредува после кон загрозените семејства, кон таргет-групи, бидејќи тоа треба да бидат исклучиво таргетирани политики. Сметам дека Владата треба да стави одредена висина до кое ниво нема потреба да чепка во системските решенија во однос на ДДВ-то. Мислам дека акцизата е во ред бидејќи тоа сепак се наплатува на апсолутен износ и со неа може да се оперира полесно и поедноставно“, изјави Абдулменаф Беџети, претседател на Фискалниот совет.
Намалувањето на ДДВ-то и акцизите имаат позитивен ефект бидејќи се ублажува директниот удар врз трошоците за транспорт, храната и потрошувачката кошница. Но, тој ефект е краткорочен, а државната каса веќе трпи, велат од Фискалниот совет.
„Мерката е фискално скапа и релативно недоволно таргетирана, бидејќи добивка имаат сите потрошувачи, а не само најранливите домаќинства“, кажа Марина Трпеска, член на Фискалниот совет.
Кризата нема да се задржи само на горивата.
„Преку горивата растат производствените трошоци на сите фирми, транспортот и така натаму. Меѓутоа, имајќи го предвид фактот дека две третини од протокот на вештачки ѓубрива исто така оди преку Ормускиот Теснец поскапува храната. И сега, ако поскапува храната, а ние тоа го гледаме и го чувствуваме секој ден“, вели Таки Фити, раководител на Центарот за стратешки истражувања „Ксенте Богоев“ при МАНУ.
Во вакви услови, економистите предупредуваат дека ценовниот притисок допрва ќе следи. Објаснуваат дека секогаш има задоцнување од неколку месеци, пред повисоките цени на енергенсите целосно да се прелеат во останатите цени. Ова е особено проблематично за Македонија - како мала и увозно зависна економија.
„Се уште ефектот ценовен не е целосно пренесен врз економијата. Се уште е меѓу транспортниот сектор и меѓу зголемување на цените глобално. Значи секогаш имате определен тајм-лаг, односно два, три па и до шест месеци кога цената се пренесува во целата економија. Се надеваме дека кризата ќе се заузда и тоа ќе го прекине овој ланец“, истакна Борче Треновски, професор на економскиот факултет.
Покрај ДДВ-то и акцизите, Владата со мерка интервернираше и кај ѓубривата. Нивните маржи се замрзнати до крајот на мај, за да се спречи поскапување кое ќе донесе повисоки трошоци за производство.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
