Македонија
8. January 2025 - 16:35

ДУИ со стара реторика – Ќе го бранат албанскиот јазик со сите можни механизми

ДУИ ја врати старата реторика. Најавуваат дека албанискиот јазик ќе ги штитат со сите можни механизми. Причина, вчерашната изјава на премиерот Мицкоски, дека Законот за заштита на децата ќе се менува според Уставот, но секој Албанец кој ќе побара, ќе добие и формулар на албански јазик. Ова според партијата на Ахмети е отворен обид на Мицкоски за укинување на албанскиот јазик.    

За ДУИ, ова е неприфатлив потег, и нема да дозволиме албанскиот јазик да биде сведен на секундарен статус или да биде условен од бирократија или политичка волја на поединци. Ќе ги искористиме сите политички, правни и демократски средства за да се спротивставиме на овој регресивен чекор и да го одбраниме статусот на албанскиот јазик. Ги повикуваме сите Албанци да бидат свесни за опасноста што му се заканува на албанскиот јазик и да останат обединети против овој обид за деградирање на правно политичкиот статус на албанците, вели Амир Шабани од ДУИ. 

ДУИ единствено се загрижени за спас од кривична одговорност на криминалците во нивните редови, ниедно стекнато право не е загрозено, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ

Реториката на ДУИ, со која се обидува да поттикне некаква политичка тензија и меѓуетничка нетрпеливост, нема да помине. Затоа што сите знаат, а најдобро албанските сограѓани, дека стекнатите колективни права во државата не се и никогаш не може да бидат загрозени. Единствени кои се чувствуваат загрозени се поранешните државни функционери од редовите на ДУИ кои се огрешиле пред законот, затоа што знаат дека Македонија се трансформира и дека правна држава и одговорност за сите ќе има, се вели во соопштението 

Претседателката Сиљановска вчера објасни дека со ветото немала намера да навреди некој јазик или нациција ниту пак следела партиски совети, туку дека нејзините забелешки за двојазичните лиценци се исклучиво според Уставот. На иста линија беше и премиерот Мицкоски кој најави дека законот ќе се преработи според овие забелешки и повтроно ќе се врати во собраниска процедура.