Македонија
19. May 2020 - 16:45

Епидемиолозите очекуваат да расте бројот на болни, ако продолжат масовните собири

Секој масовен собир или организирање верски и други манифестации не одалечува од крајот на епидемијата, тврди професорот Драган Даниловски. Според него зголемениот број случаи периодов се резултат на првомајските дружби.

-Пандемијата во светот и епидемијата кај нас до крајот на април, беше во една надолна линија, но се случи инцидент со првомајските празници и од епидемиолошка гледна точка тоа не одалечува од крајот на епидемијата уште најмалку еден месец, изјави проф. д-р Драган Даниловски.

Според Даниловски епидемиолошкиот критериум за укинување на епидемијата е 28 дена да нема ниту еден заболен од Ковид-19. Дури тогаш може да се дозволат спортски, културни и други настани вклучувајќи ги и изборите, а одлуката дали ќе се почитува епидемиолошкиот став ја носат политичарите, смета професорот.

-Ниту кај нас ниту во светот ќе ги земам во предвид Словенија и Србија можат да се дозволат овие епидемиолошки критериуми. Заради тоа одлуката за сите настани, спортски културни, отворање на угостителските објекти, па и изборите тоа се политички одлуки. Тогаш одговорноста е кај политичките елити. Тогаш таа одлука треба да се базира на еден компромис и мудро одмерување на сите елементи за и против, Од една страна здравствените ризици на граѓаните, од друга страна други елементи политички и економски, изјави професорот Даниловски.

Професорот Даниловски забележува дека изминатиот период голем дел од граѓаните не ги почитувале мерките за носење заштитна опрема и физичко растојание, се групирале и дружеле, а тоа резултирало со висока бројка на заболени деновиве.