Филхармонијата ја почнува сезоната 2017/2018 во новата концертна сала
Со Концертот за пијано и оркестар бр.1 од Петар Илич Чајковски, Македонската филхармонија вечер од 20 часот ќе ја почне сезоната 2017/2018 во новата концертна сала. Концертот е симболично насловен „Нов почеток“, а сезоната почнува со мало задоцнување затоа што се довршуваа техничко-правните процедури за објектот.
Во вториот дел од програмата на вечерашниот концерт ќе бидат две дела кои се сметаат за капитални во оркестарската литература - „Римски фонтани“ од Оторино Респиги и „Ѓаволштините на Тил Ојленшпигел“ оп.28 на Рихард Штраус.
На концертот од Чајковски, кој е еден од најпознатите за пијано и оркестар, ќе свири младиот пијанист Дино Имери. Концерт-мајсторот Ана Кондратенко вели дека во нејзината родна Русија овој концерт се свири на свадби, наоѓајќи симболика со нивното вселување во новата концертна сала.
- Тоа е една убава метафора. Како да ќе се земеме со новиот, нашиот објект, нашиот дом, рече Кондратенко на прес-конференција за најава на концертната сезона.
Објектот за единствениот симфониски оркестар во Македонија, кој постои 74 години и досега работеше во просториите на Домот на Армијата, почна да се гради во март 2009 година, а беше пуштен во употреба на 21 мај годинава но без технички прием.
Изграден е по идејното решение на архитектот Виктор Михајлов и има акустика и архитектоника по светски стандарди. Има две концертни сали - голема со илјада места и мала со 350, како и одделни вежбалници за изведувачи на разни видови инструменти.
- Ни се направи нешто кое го чекавме долги години. Сега веќе немаме оправдувања. Во превод значи дека имаме стадион и ни се потребни фудбалери да даваат голови, рече диригентот Борјан Цанев, кој ќе го води оркестарот на вечерашниот концерт.
В.д. директорот на Филхармонијата Виктор Илиески истакна дека ќе се обидат да ги задржат постојните, да ги вратат заборавените и да создадат нови вредности.
- Само до крајот на 2017 година ќе пречекаме врвни солисти и диригенти и ќе оствариме многу дела - бисери од домашната и од светската симфониска ризница, а во годините потоа планираме да го кренеме нивото и за неколку скалила погоре, најави Илиески.
Ново на Сител
-
Зеленски го потпиша законот за продолжување на вонредната состојба и општа мобилизација
-
Онлајн работа за младите со европски плати | Јанг стори со Мими | Sitel Podcast 034
-
Бангладеш: Во удари од гром загинаа 74 луѓе за 38 дена
-
Рама в недела ќе одржи собир во Атина
-
Протести во Малме против учеството на израелскиот претставник на Евровизија
-
Турција ја одложи забраната за трговија со Израел
-
Гостиварчанец измамен за 1.500 евра - сторителот е приведен
-
Скопјанка прскала со вода по луѓе кои правеле врева - ја нападнале со лименки