Филхармонијата ја почнува сезоната 2017/2018 во новата концертна сала
Со Концертот за пијано и оркестар бр.1 од Петар Илич Чајковски, Македонската филхармонија вечер од 20 часот ќе ја почне сезоната 2017/2018 во новата концертна сала. Концертот е симболично насловен „Нов почеток“, а сезоната почнува со мало задоцнување затоа што се довршуваа техничко-правните процедури за објектот.
Во вториот дел од програмата на вечерашниот концерт ќе бидат две дела кои се сметаат за капитални во оркестарската литература - „Римски фонтани“ од Оторино Респиги и „Ѓаволштините на Тил Ојленшпигел“ оп.28 на Рихард Штраус.
На концертот од Чајковски, кој е еден од најпознатите за пијано и оркестар, ќе свири младиот пијанист Дино Имери. Концерт-мајсторот Ана Кондратенко вели дека во нејзината родна Русија овој концерт се свири на свадби, наоѓајќи симболика со нивното вселување во новата концертна сала.
- Тоа е една убава метафора. Како да ќе се земеме со новиот, нашиот објект, нашиот дом, рече Кондратенко на прес-конференција за најава на концертната сезона.
Објектот за единствениот симфониски оркестар во Македонија, кој постои 74 години и досега работеше во просториите на Домот на Армијата, почна да се гради во март 2009 година, а беше пуштен во употреба на 21 мај годинава но без технички прием.
Изграден е по идејното решение на архитектот Виктор Михајлов и има акустика и архитектоника по светски стандарди. Има две концертни сали - голема со илјада места и мала со 350, како и одделни вежбалници за изведувачи на разни видови инструменти.
- Ни се направи нешто кое го чекавме долги години. Сега веќе немаме оправдувања. Во превод значи дека имаме стадион и ни се потребни фудбалери да даваат голови, рече диригентот Борјан Цанев, кој ќе го води оркестарот на вечерашниот концерт.
В.д. директорот на Филхармонијата Виктор Илиески истакна дека ќе се обидат да ги задржат постојните, да ги вратат заборавените и да создадат нови вредности.
- Само до крајот на 2017 година ќе пречекаме врвни солисти и диригенти и ќе оствариме многу дела - бисери од домашната и од светската симфониска ризница, а во годините потоа планираме да го кренеме нивото и за неколку скалила погоре, најави Илиески.
Ново на Сител
-
Силно невреме ја зафати Хрватска | ВИДЕО
-
Скопјани нападнале и ограбиле маж на Камени мост
-
52 годишен скопјанец со пиштол и нож ограбил продавница, при бегање паднал и завршил во болница
-
Кривична пријава за родители од Штип - Ги заклучиле децата во автомобил и отишле во казино
-
Полицаец и германски политичар избодени со нож сред плоштад во Мајнхајм, Германија | ВИДЕО
-
Пад од 1,2 проценти на индустриското производство во април
-
Поскапени поштенските и курирските услуги
-
Хоспитализирани нови четири лица со голема кашлица, вкупно 661 случај во државава