Граѓани со скршеници ги полнат болниците
Снегот ги израдува најмладите, но ги полни и болниците. Само за еден ден повеќе од 20 пациенти со скршеници биле третирани во Клиниката за хируршки болести Св. Наум Охридски. Поголем број биле помлади и како што велат лекарите, за среќа, никој не завршил во операциона сала.
-Повозрасните, поискусни и се чуваат првите денови. Станува збор за популација од 18 до 55 години. Повредите најчесто се скршеници на подлактиците и шинување на зглобовите, вели д-р Небојша Настов, директор на Клиника за хируршки болести Св. Наум Охридски.
Во болниците очекуваат поголем број на пациенти во наредниот период кога преку ден снегот ќе се топи, но во утринските и вечерните часови на минусни температури доаѓа до подмрзнување на улиците и тротоарите. Падот при вакви услови може да заврши и со многу сериозни повреди.
-Не само скршеници на локомоторниот систем, туку може да настанат и скршеници на черепот и на рбетниот столб, така да можат да бидат од најлесни до најтешки повреди, вели д-р Настов.
Обувки со добра подлога која спречува лизгање како и соодветна облека за заштита од смрзнатини е најдобрата заштита овој период.
-Лекарите со совет до граѓаните да бидат доста внимателни кога се движат надвор, бидејќи според најавите на метеоролозите, времето наредните денови ќе биде студено и со температури под нулата, а тоа може да значи лизгави тротоари и пешачки патеки.
Прогнозата од УХМР е дека утрински температури од -10 степени ќе има до крајот на неделата.
-
Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар