Балкан
12. March 2019 - 17:56

Харадинај: Дијалогот не го кочиме ние туку Србија

Премиерот на Косово Рамуш Харадинај изјави денес дека дијалогот за нормализација на односите не го блокира Косово, туку Србија.
 
На конференција за медиумите по седница на косовската влада, Харадинај кажа дека никогаш не барал гаранции што ќе се случува во дијалогот туку барал договор.
 
„Не барав гаранции. Зборував за договорот. Ѝ верувам на Америка и кога тие нешто ќе кажат знам дека е така. Меѓутоа, поради многу причини ние бараме договор со елементите кои ги има, вклучувајќи ги и стопанството и слободната трговија. Тоа е она што го бараме. Поголеми гаранции од признавање од Америка не можеме да бараме“, кажа косовскиот премиер.
 
Харадинај кажа дека кога станува збор за односите со Србија ги интересираат елементите на договорот.
 
„Јас им верувам на Американците и кога тие велат дека ова е формулата, јас им верувам. Ние бараме договор за да знаеме каде оди дијалогот. Дијалогот го блокираше Белград, бидејќи велат дека нема дијалог без укинување на царините. Не го блокиравме ние. Ние бевме во дијалогот знаејќи дека сме жртвите и имаме илјадници исчезнати и жртви“, кажа Харадинај.
 
„Треба да знаеме зошто одиме во дијалогот“, кажа Харадинај и додаде дека притисокот Косово да ги укине царините е „притисок врз жртвата“.
 
Кажа и дека со претседателот Хашим Тачи и со претседателот на парламентот Кадри Весељи има различни мислења за некои прашања, но дека се сложуваат кога станува збор за платформата за дијалогот.