Македонија
18. October 2024 - 16:32

Кој ја партизира АНБ - ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ денеска со меѓусебни обвинувања

СДСМ нема кредибилитет да зборува за безбедносните служби. ВМРО-ДПМНЕ денеска ја потсети партијата кој се беше директор на безбедносните институции додека без на власт.

На чело на АНБ го поставија партискиот кадар Виктор Димовски, кој беше партиски функционер на СДС. Виктор Димовски беше член на ИО на СДС, највисоко тело во опозициската партија, и член на нивните комисии. Во АР СДС го има поставено Еролд Муслиу, кој во ек на најголема власт на СДС ги следеше функционерите на ВМРО-ДПМНЕ злоупотребувајќи ја службата.

Муслиу правеше хајки против ВМРО-ДПМНЕ, а од Агенцијата за разузнавање направи партиски штаб на СДС. Да потсетиме само дека СДС за директор на УБК своевремено го имаше и Миле Зечевиќ, партиски функционер, кој потоа стана и генерален секретар, вели Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ

СДСМ и денеска бара разрешување на Бојан Христовски. Објавија фотографии и постови од неговиот фб од кои велат дека јасно се гледа дека Христовски е партиски активист и покрај тоа што не е член на органите на ВМРО-ДПМНЕ.

Христовски го има на слики во речиси сите партиски штабови на ДПМНЕ во Скопје. Може да се види многу гордо со Мицкоски, со Силјановска, и како ревносно ги пропагира политиките на неговата партија.

Буквално нема неполитичка, ниту некаква професионална објава на Христовски, сите му се партиски. Дури и во последните објави на Христовски се гледа тоа. На 25 септември, со слика пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ ќе објави дека „ја чува организацијата“. АНБ треба да остане независна институција која ќе работи за доброто на сите граѓани, а не за интересите на една партија и еден човек, а тоа се Мицкоски и ДПМНЕ, вели Методија Илиевски од СДСМ.

Премиерот Мицкоски и денеска вели дека Христовски е вистинскиот избор за директорската позиција во АНБ бидејќи извештаите кои го добил од претходниот директор личеле на вести кои претходниот ден ги читал по порталите. Потврди дека  останува на ставот дека Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање треба да се спојат во една институција, како реформа која ја имаат направено голем број земји-членки на НАТО.

На оваа тема веќе е разговарано и со претседателката Силјановска со оглед дека Агенцијата за разузнавање е под нејзина надлежност.  Процесот ќе биде транспарентен, а работната верзија на реформата ќе биде презентирана пред јавноста кога ќе биде подготвена.