Крвав пир во Цетиње – Убиени 12 лица, уште 4 тешко се повредени
Масакр во Цетиње – 47 годишниот Ацо Мартиновиќ уби 12 лица и тешко рани уште четворица. Сестрата, внуците на 10 и 13 годишна возраст, кумови, пријатели, роднини се нашле на листата на убиецот. На крвавиот пир му претходела кавга во кафеаната помеѓу убиецот и сега веќе убиените, каде цел ден биле заедно.
Тамошните медиуми пренесуваат дека по кавгата, излегол од локалот, но брзо се вратил со оружје и пукал во четирите лица- кумот и сопственик на локалот и тројца пријатели. Монструмот од Цетиње не го поштедил животот ниту на две момчиња од 10 и 13 години и неговата сестра. Ги познавал сите кои ги убил.
Според Црногорските власти, во рок од половина час, пукал на пет различни локации. Набрзо полицијата го лоцирал со помош на термални камери и го опколила во напуштено место во близина на неговиот дом по што и самиот си пукал во глава. Починал на пат кон болница. Мотивите не се се уште јасни.
Мартиновиќ ранил уште четири лица кои веднаш биле префрлени во Клиничкиот центар во Подгорица. По битката за нивните животи докторите велат дека состојбата им е стабилизирана, но не исклучуваат компликации.
Молк и целосна тишина владее денеска во Цетиње. Улиците се празни, а знамињата на половина копје. Жителите не можат да поверуваат што им се случи. За речиси три години ова е втора ваква трагедија...
По масакрот, премиерот Милојко Спајиќ најави дека се разгледува и можноста за целосна забрана за поседување оружје на територија на Црна Гора.
Убиецот немал родители, живеел сам во семејна куќа. Имал сестри, од кои едната ја убил. Уште во 2005-та Мартиновиќ бил пријавуван за насилство, не не бил санкциониран. А колку што слушнавме, одамна го осудиле за насилство. Претходно со првостепена пресуда бил осуден за недозволено поседување оружје и експлозивни материјали.
Сите музички настани во Црна Гора се откажани. Поддршка за црногорскиот народ понудија локалните политичари, а сочувство до семејствата на настраданите упати и македонското МНР.
Пред неполни три години Црна Гора беше згрозена од уште масакр. 34-годишниот жител на Цетиње Вук Бориловиќ ја шокираше Црна Гора кога уби десет лица, а рани шестмина во центарот на црногорската престолнина. Со ловечки карабин пукал по случаен избор во соседи, итната медицинска помош, полицајци и случајни минувачи. Откако одбил да се предаде, полицијата пукала во него.
-
Ивана Соколовиќ Најдова
Сите содржини од овој новинар