Македонија
5. December 2024 - 15:12

Мицкоски: Драго ми е што дел од партиите во опозиција се свесни дека треба да се изолираат екстремите

Драго ми е што дел од политичките партии и покрај тоа што се во опозиција се свесни за екстремите во општеството кои сакаат да предизвикаат несигурност и нестабилност и оти заеднички нема да дозволиме да не вовлечат во политичкото мочуриште, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи ја синоќешната одлука на Извршниот одбор на СДСМ да не ги поддржи интерпелациите од ДУИ за четворица функционери во однос на постапувањата на прославата на Денот на албанското знаме. 

Мицкоски повтори дека не гледа причина за лидерска средба за настаните од 28 ноември и посочи дека случајот е завршен, сторителите се лоцирани и идентификувани и има индивидуална одговорност и инспиратори. Не исклучува можност за лидерска, но како што вели за други теми, за идеи за иднинатата, заеднички политики, а на располагање е и за поединечни средби со лидери на партии за развојот на државата и стандардот на граѓаните.

- Мислам дека сите екстреми во општеството кои сакаат да предизвикаат нестабилност, несигурност, треба да се изолираат. Сега во услови кога бележиме навистина еден жсток ивестициски бран, кога соборуваме рекорди со странски директни инвестиции, со раст на економијата, кога првпат после не знам колку време сме во дефлацаија, кога имаме суфицит во Буџетот, повеќе од 800 милиони евра инвестициски бран, 250 милиони евра за компаниите, за општините, итн, имаме екстреми во општеството, кои сакаат да не влечат назад во политичкото мочуриште. Мене ми е драго што дел од политичките партии и покрај тоа што се во опозиција се свесни за ова и дека нема заеднички да дозволиме овие екстреми да не вовлечат во тоа политичко мочуриште. Мислам дека граѓаните полека ги изолираат сите оние кои се за несигурност, нестабилност, конфликти, мора да бидат отфрлени и изолирани и во таа улога е денеска ДУИ, која некогаш се претставуваше за прозелена политичка партија, но денеска гледаме дека е главен генератор за нестабилност и се обидува да генерира конфликти, рече Мицкоски на новинарско прашање 

Прашан дали за него е затворено прашањето за лидерската средба што ја побара СДСМ како можност да се обединат сите политички субјекти околу пораката дека државата останува стабилна и посветена на мирот, соживотот и почитувањето на различностите,  одговори дека „прашања не затвора, но во моментот не гледа причина зошто би имало средба“.

- Ако се реферираме на она што се случуваше на 28 ноември,  јасен беше мотивот на инспираторите на тоа што се случи тогаш. Дел од нив видовме дека се блиски до одредени политички партии и политичари кои се сега во опозицијата, оперативните информации на МВР исто така со многу докази даваат одговор на тоа кој стои посебно во Куманово и кумановско и Скопје  кои се инспиратори, така што јаса е состојбата таа е под контрола.  Целта беше да имаме жестока реакција на МВР, не дај боже да имаме и починати и тогаш да се случи конфликт, тензија, итн. Јас и тогаш и денеска честитам на зрелата реакција на МВР иако ги разбирам и граѓаните чии чувства тој ден беа на едно високо ниво, но мислам дека со една одмерена акција се изолираше групата која беше инспирирана да прави ваков тип инциденти и тие  кои беа сторители и го прекршија член 319, став 1, од Кривичниот законик, се под кривичен или прекршоче прогон, за се ќе биде постапено според законот. Треба да се навикнеме дека вака треба да функционираме во пероодт што следи бидејќи кога се реагира емотивно се греши, треба со разум, вниматено, чекор по чекор, ќе дојдеме до целта, но не смееме да дозволиме на овие инспиратори да победат, рече Мицкоски. 

Јасно е кој е инспиратор, јасна е целта зошто тоа се случува, рече Мицкоски, додавајќи дека е задоволен од спроведеното дента од МВР.

- Сторителите се лоцирани, идентификувани. Имаме индивидуална одговорност, имаме инспиратори, случајот за нас е завршен, очекувам за уште некој случај да бидат откриени сторителите. Но, никогаш не ја исклучувам можноста за лидерска средба. Можеби треба да разговараме за некои идеи за иднината, за некои заеднички политики, итн, може и поединечно да се гледаме со претседателите на партиите, доколку имаат нешто креативно да понудат во насока на развој на државата и стандардот на граѓаните, тука сум, стојам на располагање и не ги избегувам тие средби, рече Мицкоски, на прес-конференцијата во Владата на која беше објавена новогодишната потрошувачка кошничка. 

Министерството за внатрешни работи досега има уапсено 18 лица поврзани со инцидентите на Денот на албанското знаме, од кои четворица се во притвор, додека за десетина се покренати прекршочни постапки.