Македонија
15. January 2025 - 16:37

Муцунски и Рокас оптимисти – Дали во 2025-та Македонија ќе ги почне преговорите за членство во ЕУ?

Министерот Муцунски очекува 2025-та да биде година во која Македонија конечно ќе ги стартува преговорите со Унијата. Точно 20 години од кандидатскиот статус и почетокот на европскиот пат, Муцунски за ова поддршка утрово побара од амбасадорите на земјите членки кои ги пречека во МНР. Вели дека Македонија останува посветена на исполнување на своите обврски, но од Унијата очекува да ги отстрани пречките кои немаат никаква врска со европските вредности.  

Годината со оптимизам ја стартува и евроамбасадорот Рокас, кој вели дека разбирање и волја за придвижување на процесот има и во Брисел. Но истовремено вели дека очекува и конкретни активности во борбата со корупцијата, владеење на правото и исполнување на обврските од реформската агенда, чекори за кои Македонија ќе добие поддршка од делегацијата на ЕУ. 

Поддршка за сето ова евроамбасадорот Рокас вели дека ќе бара и на сите средби кои до крајот на месецов ќе ги има во Брисел, а во првата половина од годинава најави дека се планирани посети на Македонија од страна на високи европски челници.