Македонија
1. July 2024 - 19:43

Поради зголемени безбедносни мерки по нападот во Србија, гужви на ГП „Табановце“

Откако Србија го крена безбедносното ниво во земјата поради опасност од терористички напад, се чека подолго време за влез и излез од Македонија на Граничниот Премин Табановце. По нападот со стрела врз млад полицаец пред израелската амбасада во Белград, кој се случи викендов, нашиот сосед ги зголеми безбедносните проверки на границите.

„Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните дека зголемениот временски период на чекање на ГП Табановце, за влез и излез од територијата на Република Северна Македонија е поради прогласеното црвено ниво на безбедносен ризик од тероризам во Република Србија. Ве известуваме дека граничните полиции на двете држави се во постојана комуникација со цел овозможување брз и непречен проток на патници и возила, но и соодветна контрола поради новонастаната состојба“, велат од МВР.

Експертите за безбедност велат дека е добро што нашиот сосед не известил дека ќе ги преземе овие мерки, кои ги оцени како сосема очекувани по ваков напад.

Српските медиуми пренесуваат дека одлуката на тамошните власти за укинување на црвеното ниво на закана за безбедноста ќе биде донесена утре, откако ќе биде анализирана безбедносната состојба. Повредениот полицаец е во добра здравствена состојба. Тој успеал со стрелата во вратот да го елиминира 34 годишниот напаѓач.

Српските служби за него тврдат дека бил етнички Србин кој преминал во радикален ислам.