Тутунарите бараат просечна цена од 420 ден. за кг., денеска од 305 ваги работат само 19, тутун не се предава
Иако започна раниот или предвремнен откуп на тутун тактизираат и тутунарите и откупачите. Ниту првите предаваат тутун, ниту пак вторите ги отвораат пунктовите. Од 305 ваги во Македонија денеска работат само 19 на 2 од 10 откупувачи, но и тие стојат празни. Тутун се предало во мали количини само во Источна Македонија, оценет во прва класа по цена од 375 ден. за кг. Од Сојузот на тутунски здруженија бараат годинава просечната цена да не биде пониска од 420 денари за кг.
„Со откупувачите имаме преговарноп поединечно скоро со сите и на самиот старт му најавивме да не размислуваат за пониска цена од ланската, да оди исклучиво повисока цена. Ние бараме да биди 420 денари просечна цена, од која мислиме дека тутунопроизводителите ќе бидат колку толку задоволни“, вели Кире Ристески, претседател на Сојузот на тутунски здруженија.
„Мора да дојдеме до една вистинска цена за да тутунопроизводството опстане, ако планираат откупувачите и в година да откупуваат мора да се соработува, истакна Јусуф Ибраими, тутунар од долненско село Житоше.
Тутунарите годинава исто како и лани се надеваат дека државата ќе ги зголеми и субвенциите.
„Годинава субвенциите се 60 денари за трета, 70 за втора и 80 денари за прва класа. Лани беа 100 денари, тоа беше интеревентно бидејќи немаше доволно тутун. И годинава нема и затоа сметаме дека пак ќе има зголемување на субвенциите“, додаде Ристески.
Пратеникот од редовите на СДСМ, Миле Талевски, денеска обвини дека нема ниту повисоки цени, ниту повисоки субвенции за тутунарите, затоа тие поднесуваат предлог закон субвенцијата да биде 100 денари за килограм за сите класи.
„Со оваа мерка цените повторно ќе се покачат до 500 денари по килограм што е неопходниот минимум за покривање на производствените трошоци и поддршка на семејствата кои егзистираат од тутунопроизводството“, изјави Миле Талевски, пратеник
Според законски рок со откуп сите откупувачи треба да започнат до 15 декември.
-
Дарко Штарговски
Сите содржини од овој новинар