Македонија
22. October 2024 - 16:41

Антикорупциска отвори предмет за назначувањето новиот директор на АНБ, Бојан Христовски

 

Антокорупциска денеска отвори предмет по анонимна пријава за новиот директор на тајната служба, Бојан Христовски откако по неговото назначување во јавноста имаше низа реакции и критики од опозицијата дека е партиски кадар на ВМРО-ДПМНЕ, што се коси со законот за директорската позиција која ја доби во АНБ. 

-Денеска по анонимна пријава отворивме предмет- наводите во пријавата се однесуваат на неисполнување на услови за именување на Бојан Христовски за директор на АНБ. Предметот е веќе распределен кај член на ДКСК, ќе се отпочне со постапка за обезбедување на доказна постапка и по утврдување на фактичката состојба, ДКСК ќе донесе одлука која ќе ја соопшти на јавна седница, вели претседателката на ДКСК за Сител, Татјана Димитровска.

Од опозициската СДСМ и денеска со реакција дека поставувањето на Бојан Христовски на чело на АНБ е личен избор на премиерот Христијан Мицкоски, а тоа го потврдил и коалицискиот партнер Таравари. 

Бојан Христовски во едно интревју самиот призна дека нема безбедносен сертификат „Државна тајна“ а барањето за ваков сертификат го поднел дури откако беше назначен на директорската позиција. Се уште е отворено и прашањето дали Христовски воопшто има 5 години стаж на раководни позиции согласно законските услови или не? Во неговата објавена биографија недостасуваат прецизни датуми за неговото раководно искуство од 2012 до 2017 година.

Не е потврдено ниту дали Христовски има вистински документ за соодветно познавање на Англиски јазик. Затоа што документот што го приложил е од училиште во Пловдив Бугарија а во Пловдив воопшто нема TOEFL центар за тестирање, стои во соопштението на СДСМ.

Претходно од ВМРО-ДПМНЕ упатија критики до СДСМ, дека е лицемерно од опозициската партија да зборуваат за партизација на службите, кога додека тие беа на власт за директор на УБК беше поставен генерален секретар во структурите на СДСМ, Миле Зечевиќ, а подоцна за директор на АНБ бил поставен Виктор Димовски од извршниот одбор на СДСМ. 

Владата го назначи Бојан Христовски за нов директор минатата недела. Христовски во телевизиско интервју тврди дека до лани бил член на ВМРО-ДПМНЕ но откако се вратил да работи во МВР повеќе не е во партијата. Безбедносен сертификат државна тајна не поседува, но поднел откако ја добил функцијата диектор на АНБ.