Македонија
6. January 2025 - 16:36

Лекарите советуваат да се јаде и пие умерено за празниците

Секое претерување со храната и алкохолот е ризик по здравјето. Кардиологот Владимир Ристовски советува да се јаде и пие умерено за да се избегнат кардиоваскуларни проблеми за празниците.

- Не велиме да не се јаде месо, меѓутоа треба да се јаде во умерени количини, од прилика околу 200 грама дневно или 2 до 3 пати неделно кои ќе кои ќе бидат подготвени соодветно, препорачуваме варено. Да се внимава и на благото и на алкохолот. Една до две чаши црвено вино дневно е повеќе од здраво внесување. Се што е над тоа придонесува за дополнително преоптоварување на кардиоваскуларниот систем, вели д-р Владимир Ристовски, кардиолог во ГОБ “8 септември”.

Срцев и мозочен удар се најчестите состојби овој период доколку се претера со масната храна и жестоките пијалоци, а хронично болните ја забораваaт редовната терапија. 

- Овој период почести се акутниот миокарден инфаркт за време и по празниците, поради поголемо внесување на храна и заборавање и некористење на терапија придонесува да се зголеми и бројот на пациенти кои имаат исхемичен мозочен удар. Редовно земање на терапија, соодветно консумирање на храна и да не се злоупотребува алкохолот, придонесува да се зачува нивното здравје, советува кардиологот Ристовски.

Освен алкохолот и масната храна, кардиологот Владимир Ристовски потенцира особено да се внимава и со внесот на сол, за да се избегнат проблеми со крвниот притисок.

Деновиве посебно да внимаваат оние кои ги практикувале долгите пости и постепено да се вратат на нормалниот начин на исхрана, за да не си наштетат на здравјето.