Македонија
14. February 2025 - 12:21

Во Штип ќе се градат три паркови со европски пари

Со 280 000 евра европски пари, обезбедени преку ИПА од проект за прекугранична соработка, во Штип ќе се градат 3 паркови со вкупна површина од над 1 хектар. Првата уредена зелена површина веќе започна да се гради во налебата 8-ми Ноември. 

- Ова е втор прекуграничен проект, кој откако сум градоначалник го реализираме со општина Гоце Делчев, со европски пари. Дополнително ние како локална самоуправа за оваа година од сопствени средства предвидуваме финансирање на низа проект од зелената агенда, изјави Иван Јорданов, градоначалник на Штип

Од другата страна на границата, преку проектот „Трансформирање на урбаните делови со зелена инфраструктура“, во општина Гоце Делчев ќе се уредува строгиот центар на градот. 

- Кај нас ќе биде обновен и реконструиран плоштадот „Македонија“, односно просторот пред Домот на културата, како и целиот парк. Зелената инфраструктура е веќе застарена и има потреба од нејзино обновување, изјави Владимир Москов, градоначалник на Гоце Делчев, Бугарија.

Целата финансиска конструкција на проектот изнесува околу 860.000 евра и треба да се реализира во рок од 24 месеци. Министерството за локална самоуправа кофинансира15% од средствата. 

- Очекувањата од овој проект се заштита на животната средина, поголема зелена површина и отварање на нови работни места, изјави Стефан Ангелски од Министерството за локална самоуправа

Преку ИПА програмата двете општини, Штип и Гоце Делчев ќе работат и на јакнење на туристичките понуди. Во штипско Ново Село ќе се реконстрира една од староградските куќи кои сега се во сопственот на градот.