Театарот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп одбележува 75 години постоење во мизерни услови
75 години постоење на Народен театар „Војдан Чернодрински“ Прилеп во услови под секое достоинство. За жал условите во објектот се далеку полоши од времето кога во 1950 година за прв пат се подигнала завесата. Испукани и мувлосани ѕидови и тавани, глувци, промаја дува од сите страни во сите простории, смрдеа, течи вода во скоро сите простории и од таванот и од прозорцитте кога врне, во гримиорните актерите ја покриваат облеката со најлони за да не им накисне. Услови дури и за неверување како функционира еден театар во 21 век.
„Тој што бил гостин овде кај нас и прошетал низ овој театар, уверен е и убеден во просторните и техничките одлики на оваа театарска куќа кои се далеку од современи или совршени и се разбира се под секое човечко достоинство. Со секоја промена на политичка гарнитура во нашава држава, секој пат добиваме ветување и сме на листа на било која политичка партија дека Прилеп конечно ќе добие нова театарска зграда, па од толку многу театри што ни изградивте не знаеме во кој попрво да се вселиме“, вели Даниела Иваноска, актерка во Народени театар „Војдан Чернодрински“, Прилеп.
До кабината за светло и тон се влегува преку женскиот тоалет. А за да стигнете до неа прво се поминува по импровизирани и крајно небезбедни скали. А горе ќе ве пречека вистински шок. Сцена како од хорор филм, а не пак просторија каде работат луѓе. Целиот покрив може да се урне во секој момент.
„Тоа се однесува на целиот персонал, не само на актерите, туку и на администрација, помошно-технички персонал, заслужуваме да имаме едни нормални услови, правиме нешто кое треба да е нормално, а не ексклузивно или да бараме преку леб погача“, додаде Иваноска.
Секоја македонска Влада и секоја партија ветува нов театар во Прилеп, но никоја не остварува. Последниот проект е дека нов театар ќе има како доградба на
Центарот за култура „Марко Цепенков“, но кога ќе биде тоа никој не кажува.
„Треба да се реновира Центарот за култура „Марко Цепенков“, како и доградба или градење на новата зграда на Народен театар „Војдан Чернодрински“. За едниот дел мислам дека има веќе стигнато дозвола за градба за реновирањето на „Марко Цепенков“, а за театарот имаше некакви технички промени, мала промена со некој тоалет да се направи и тоа е веќе изготвено, веќе е направено и во тек е процедурата за дозволата за градба и за театарската зграда“, изјава Михајло Миленкоски, раководител на Народен театар „Војдан Чернодрински“ Прилеп.
Својот роденден прилепскиот театар ќе го одбележи со секојдневни претстави не само свои туку и со гости на повеќе театри од Македонија.
-
Дарко Штаргоски
Сите содржини од овој новинар