Бизнис
30. May 2026 - 16:28

Од понеделник премиерот очекува поевтинување на дизелот за 6,5 денари, ДДВ-то се враќа на 18%

Намалените акцизи од 2 денари за горивата ќе останат да важат и од понеделник. ДДВ за бензините се враќа од 10 на 18 отсто. Владата на вонредна седница утре делумно ќе ги продолжи мерките и според очекувањата на премиерот, дизелот ќе се продава за 6,5 денари поевтино, а бензините или по иста цена или незначително повисока. Се уште траат преговорите со ОКТА за евентуален нов попуст, вели премиерот.

- Според нашите пресметки, врз основа на анализите како се движеа цените на светските берзи изминатите две недели, односно втората половина од мај, и како се движеа цените изминатава недела, очекуваме полека, но сигурно да се стабилизираат и кај нас, односно, досега повластената стапка за бензините од 10 да се врати на 18 проценти, а во делот на на акцизите ќе остане намалувањето од два денара по литар за дизел и за безоловните бензини 95 и 98 октани, бидејќи просекот во втората половина од мај на дизелот и безоловните бензини се движеше меѓу 1.000 и 1.200 долари за барел. Преговараме со „Окта“ да видиме како ќе биде. Можеби од таму да добиеме дополнителен попуст барем за првата половина на јуни. Кога ќе ги имаме предвид сите овие мерки, тогаш очекувам цената на бензините да остане иста или да има мало зголемување од половина денар, а дизелот да поевтини околу 6 и пол денара, 6 до 6,5 денара. Отприлика ова се бројките кои нашите калкулации ги кажуваат, а ќе видиме како како ќе направи пресметка регулаторно, истакна Мицкоски.

Од почетокот на војната на Блискиот Исток, за да го амортизира ударот од растечките цени на горивата, владата донесе пакет мерки кои опфаќаа – повалстено ДДВ и намалени акцзии. Обезбеди и попуст од снабдувачот од 2 односно 3 денари по литар. Со тоа горивата кај нас се продаваа по најниски цени од регионот, што резултираше со зголемена побарувачка на бензиските лоцирани до граничните премини со средните земји.

- Имаше денови кога 50-тина проценти беше зголемен од вообичаено, имајќи предвид нормални, регуларни денови. И кога сето ова ќе се заокружи, ние и денеска, односно и она што го очекуваме во понеделник, ќе останеме држава со убедливо најниски цени на на горивата, односно на на дизел горивото и на бензините, потенцира премиерот Мицкоски

Инаку изминативе недели цената на нафтата на светските берзи полека се стабилизира и се движи околу 90 долари за барел, по договорот за прекин на огнот и евентуално завршување на војната меѓу САД и Иран.