Македонија
22. January 2025 - 16:31

Од Скопје ќе се лета до Париз и Женева – Воведени две нови авиолинии

Скопскиот аеродром воведува две нови авиолинии. Од април ќе се лета до аеродромот Орли во Париз, а од ноември до Женева. Овие две дестинации се воведуваат на барање на дијаспората, а ќе ги оперира Изиџет. 

На веб страницата на авиокомпанијата можат да се најдат билети до Париз во еден правец почнувајќи од околу 200 евра па нагоре.

Експертите велат дека оваа дестинација е многу важна бидејќи во Македонија ќе донесе многу туристи од Франција.

Дестинациите се воведуваат со вториот повик на Министерството за транспорт и врски за субвенционирање на авиолинии.

„Јавниот повик е сè уште отворен и на него можат да се пријават сите заинтересирани авиокомпании кои ги исполнуваат критериумите предвидени со повикот“, објави на Фејсбук министерот Александар Николоски.

Со ова бројката на нови дестинации се зголемува на 9. Претходно се потпишаа договори за воведување на линии од Охрид до Истанбул и Базел Мулхаус и од Скопје до Дубаи, Штутгарт, Лион и Барселона.