Македонија
22. January 2025 - 12:23

Струмица: Потребни се законски измени за третманот на бездомните кучиња

За да се реши проблемот со кучињата скитници неопходни се измени во законот за заштита и благосостојба на животните, сметаат од стационарот за бездомни животни Лана од Струмица. За директорката на стационарот Сузана Стојкова, постоечкиот закон има доста недостатоци, а освен условите за чување на домашните миленици кои не се прецицно регулирани, пропустите за справувањето со бездомните кучиња, како главен проблем таа го посочува непостоењето кривична одговорност и малите казни за неодговорно сопствеништво и несоодветно чување на животните.

Освен поголеми казни, недостасуваат и поголеми контроли. И покрај тоа што постоечкиот закон предвидува секое куче барем еднаш годишно задолжително да се носи на ветеринар и истото да се идентификува и регистрира со микро чип и податоци за сопственикот, тоа во голем број случаи не се прави. Токму неодгворното сопствеништво според Стојкова е една од причините за големиот број бездомни кучиња.

Стационарот во Струмица постои две години. За тој период околу 90% од популацијата на бездомни кучиња во централното градско подрачје е стерилизирана и кастрирана. Досега биле третирани околу 1000 кучиња од кои 750 согласно протоколите и законот повторно се вратени на истиот реон, но без можност за размножување. За разлика од градот успешноста е помала во селата, но од прифатилиштето уверуваат дека интензивно се работи за надминување на овој проблем и во руралните средини.