Одбележан роденденот на Тоше
Точно во 11.15 минути, моментот кога е роден Тоше Проески во Прилеп, пред точно 44 години, денеска во Крушево со положување свежо цвеќе на неговото вечно почивалиште и торта за присутните беше одебележан неговиот роденден. А во 12 часот во неговиот Спомен дом, се одржа музичкиот настан „Ангел си ти“, каде настапија наши млади музички таленти, а имапе и 2 хорови од Бугарија.
„Тоше го сакам од мала возраст и многу сакам да го пеам и не ми е прв пат да пеам негова песна. Ќе се претставам со „За овој свет“, која е химна за сите деца“, кажа Нела Манческа, учесник на музичкиот настан.
„За прв пат сме тука во Крушево,многу пријатно сме изненадени, огромно гостопримство пред нашето учество тука, им благодариме на граѓаните. Прекрасни луѓе, многу се радуваме и сакаме во иднина да продолжат нашите контакти“, рече Аделина Колева, раководител на двата бугарски хора „Оренда“ и „Графити“.
Имаше фанови од сите поранешни ЈУ простори.
„За него се напишани многу зборови, за него се испеани многу песни, но ако сакаме да го кажеме сето тоа со еден збор, тоа би бил ЕДИНСТВЕН, тој е единствен, нема таков “, рече Стела Прислав Вуис, фан на Тоше од Хрватска.
„Веќе неговата музика дефинитивно се покажа дека ги обединува и новите млади генерации, а посебно младите таленти музички кои го следат неговиот пат“, вели Лефкија Гажовска, директорка на Спомен дом Тоше Проески.
Министертот за култура Зоран Љутков најави дека државата ќе финансира снимање на игран филм, серија и документарен филм за Тоше кои требало да бидат готови за 2 години.
„Со ова сакавме да кажеме зошто не е преку Агенција за филм, а зошто е преку Владата, затоа што Тоше Проески за нас е проект од национален интерес. Постојано треба да ги потсетуваме младите генерации не само на тоа каков беше Тоше Проески како уметник, туку каков беше Тоше како човек, како хуманист и би рекол на крај мисионер“, изјави Зоран Љутков, министер за култура и туризам.
По 4 пат во Крушево за овој ден се одржа и Меморијалниот турнир во мал фудбал.
„Тука се фановите од Република Бугарија, Нова Градишка, Србија, Хрватска. Се што значеше Тоше Проески и знаеше на повеќе начини преку хуманост, сплотување, солидарност, да ги споиме сите срца денес на неговиот роденден“, додаде Томе Христоски, градоначалник на Крушево.
Традиционално како и секоја година во Спомен домот имаше и голема крводарителска акција.
-
Дарко Штарговски
Сите содржини од овој новинар