Македонија
26. January 2025 - 17:12

Сточна храна по повисока цена - Чија е вината?

Одгледувачите на ситен и крупен добиток се жалат дека останале без сточна храна. Велат и она што може да се најде на пазарот е со повисока цена. Според претседателот на Националната земјоделска мрежа, ова е резултат на погрешна проценка, односно, јачмен се извезувал без да се води сметка за потребите на домашните фармери.

- За жал, поради некои погрешни политики, иако годинава имавме повеќе од доволно сточна храна, огромни колични се извезоа во соседна Грција и тоа по некои багателни цени од 8 денари, така што сега во моментот се соочуваме со дефицит од сточна храна. Тоа е се, поради тоа што не се направи една стратегија, да се чуваат резервио за домашното производство и сега сме сведоци дека секојдневно имаме раст на цените, односно, во континуитет растат цените на сточната храна, изјави Ѓорѓи Каракашев, претседател на Национална мрежа на земјоделци

Од Асоцијацијата на земјоделци се самокритични и сметаат дека решението на проблемот е многу поедноставно. Фармерите мора да го планираат годишното производство, а храна за домашните животни да обезбедат на време, поточно, во период после жетва, кога јачменот се продава по најниска цена.

- Сите што со беа домаќини, си купија евтина храна и тоа по 9 и 10 денари за килограм јачмен. Сега цената на јачменот е покачена на 15 и 16 денари, што е реално и што се уште е тоа ниска цена. Некои сточари што не се сериозни можеби мислат дека повторно треба да биде по 9 денари, меѓутоа тоа нема да се случи, изјави Гоце Серафимов, претседател на Асоцијација на земјоделци

Серафимов ги потсети фармерите да аплицираат за субвенции за зголемување на своите стада. Според новата Програма, наместо досегашните 1000 денари по грло маторица, ќе се стимулираат со по 4000 денари, а можат да се пријават и за закуп на земјоделско земјиште за да си произведат сопствена сточна храна.