Определен притвор за битолскиот хирург осомничен за мито
Битолскиот хирург кој беше фатен со мито е во притвор. Судот го прифати предлогот на обвинителството и му определи ваква мерка поради опасност од бегство. 64- годишниот доктор во Клиничката болница во Битола е осомничен дека по извршена операција на жолчка побарал и добил 150 евра поткуп од синот на пациентката за како што кажал да се “почастел”. Откако ги примил обележаните три банкноти од по 50 евра полицијата го фатила на лице место. Лекарот кој е пред пензија е разрешен и од раководната функција во болницата, а додека трае постапката не смее да оди на работа.
Таравари потврдува дека и во министерството добивале пријави дека лекари земале пари од пациенти. Според него во здравството има мито и тоа е непобитен факт. Таравари ги повика граѓаните да го пријават секој случај за барање поткуп.
- Граѓаните да пријавуваат такви случаи во Министерството за здравство, во полиција и кај директорите на клиниките За Битола имам точни информации, директорката пред неколку дена беше известена од моја страна за одредени жалби за еден доктор. Сега не би сакал да спомнуваме имиња тука. Меѓутоа, вакви акции секако дека ќе продолжат, изјави Арбен Таравари, министер за здравство.
За информациите дека одредени хирурзи ја злоупотребуваат дополнителната дејност и наместо тешко болни пациенти да ги оперираат за неколку дена, со образложение дека долго треба да чекаат им нудат опција да си платат неколку илјади евра за да ги внесат побргу во сала. Таравари потврди дека и вакви пријави имало во министерството за здравство.
- Не беше констатирано нешто, значи беше редовна операција. Некогаш има пријави и случувања што не држат. Така да, треба затоа да бидеме внимателни - каде што ќе констатираме дека ќе има злоупотреби, таму треба да се преземаат чекори, додаде Таравари.
Иако здравството според повеќе истражувања е мешу најкорумпираните сектори, многу е мал бројот на пријавени случаи за мито од страна на здравствени работници, а уште помалку некое медицинско лице да заврши во затвор зошто барал пари од пациенти.
-
Александар Динев
Сите содржини од овој новинар