Осумдесет години од ослободувањето на Аушвиц: Преживеаните зборуваат, светот да слуша
Вниманието на светот денеска е свртено кон Аушвиц-Биркенау по повод одбележувањето на 80 години од ослободувањето на овој нацистички логор во Полска.
Церемонијата треба да започне во 15:00 часот по Гринич и се очекуваат 54 меѓународни делегации, меѓу кои ќе бидат и претседателите на Италија, Франција и Германија.
Но, никој од овие политичари, дипломати, монарси нема ни да се приближи до микрофонот. Тие ќе бидат таму единствено за да слушаат. Годинава говорницата е резервирана само за оние кои ги преживеале ужасите на кампот.
Покрај преживеаните, единствените други обраќања ќе имаат претседателот на Светскиот еврејски конгрес Роналд С. Лаудер, кој ги претставува главните донатори на споменикот, и историчарот Пјотр Цивињски, директор на Државниот музеј Аушвиц-Биркенау.
„Во центарот на вниманието ќе бидат сведоштвата на преживеаните – оние чии гласови сè уште одекнуваат како потсетник за ужасите од минатото и предупредување за иднината“, најавија од Музејот Аушвиц-Биркенау.
На комеморацијата пред историската порта на Аушвиц II-Биркенау се очекуваат само околу 50 поранешни затвореници, за разлика од околу 300 присутни преживеани пред една деценија и 1.000 – една деценија пред тоа.
– Оваа година ќе се фокусираме на преживеаните и нивната порака, изјави портпаролот на музејот во Аушвиц, Павел Савицки. – Нема да има говори на политичари, потенцираше портпаролот.
Овогодинешниот настан е „последниот каде што ќе имаме видлива група на преживеани со нас“, рече Савицки – И затоа е толку важно да се стави целото внимание на преживеаните. Сите знаеме дека за 10 години нема да биде можно да има голема група за 90-годишнината, рече Савицки, алудирајќи на возраста на преживеаните.
Преживеаните од кампот, во изминативе денови на повеќе настани организирани низ светот зборуваа за потребата да се зачува сеќавањето на она што се случи кога веќе нема да има живи сведоци. Тие, исто така, предупредија на зголемена омраза и антисемитизам во светот, а говореја и за нивните стравувања од повторување на историјата.
Аушвиц е местото во јужна Полска каде нацистичка Германија уби повеќе од еден милион луѓе, најголемиот дел од нив Евреи, но и Полјаци, Роми и Синти, советски воени заробеници, хомосексуалци и други што беа цел на елиминација според расната идеологија на Адолф Хитлер
Аушвиц, исто така, е врежан во колективната меморија на светот како олицетворение на сите злосторства на нацистите и пример за тоа до што може да доведат омразата, расизмот и антисемитизмот.
Една од причините што Аушвиц прерасна во водечки симбол на холокаустот и другите нацистички злосторства е тоа што тој беше и работен логор, па илјадници преживеаја – очевидци кои можеа да му кажат на светот што се случило таму.
– Релативно многу луѓе преживеаја, што речиси не беше случај во други логори кои немаа компонента за принудна работа, појасни Томас Ван де Пут, научник специјализиран за културно и колективно сеќавање на холокаустот на Кралскиот колеџ во Лондон.
– За преживеаните Евреи, денот на ослободувањето е многу, многу тажен ден, истакна Хави Драјфус, историчар на холокаустот на Универзитетот во Тел Авив во неодамнешната онлајн дискусија по повод годишнината.
Ново на Сител
-
Кривична за тетовец вработен во јавно претпријатие, парите не ги предал во благајна туку ги присвоил за себе
-
Приведен 39-годишен скопјанец, ги нападнал сестрата и неговата мајка
-
Европол: Уапсени 30 лица вмешани во трговија со луѓе во Шпанија и во Хрватска
-
Потрошувачите во Хрватска повикани на неделен бојкот на малопродажните синџири и производи
-
АМСМ: Магла во Битола и Прилеп, видливоста од 50 до 100 метри
-
Комеморација во Аушвиц: Преживеаните сведочат за ужасите на Холокаустот
-
Утре без струја дел од Аеродром, Бутел и Ѓорче Петров
-
Кривична пријава против велешанец за криумчарење на тројца мигранти