Loading Video...
Свет
8. December 2024 - 16:58

Падна режимот на Башар Ал Асад, бунтовниците ја превземаа власта

Сириските бунтовници го превземаа Дамаск. 13-годишната граѓанска војна во Сирија кулминираше со рушење на повеќедецениското владеење на Башар Ал Асад.

-Во името на Бога, Најмилосрдниот, Семилосрдниот Со милоста на Семоќниот Бог, градот Дамаск е ослободен, тиранинот Башар ал-Асад е соборен и сите ослободени се неправедно приведените лица од режимските затвори. Оперативната соба на Фатах Дамаск ги повикува браќата муџахедини и граѓаните да ги зачуваат сите имоти на слободната сириска држава. Да живее слободна и независна Сирија за сите Сиријци од сите секти“, извикуваше сириски бунтовник.

Во моментов никој нема одговор на прашањето каде е Асад? Официјалните извештаи потврдуваат дека тој со авион утрово ја напуштил земјата, но по краток прелет над крајбрежниот регион на Сирија авионот во кој се претпоставува дека се наоѓал и Асад, исчезнува од радарите.

Сирискиот премиер Мохамед Гази ал Џалали е се уште во државата, а само неколку часа откако порача дека и подава рака на опозицијата и дека сака да го гарантира функционирањето на државните институции, на социјалните мрежи се појави видое снимка како тој ја напушта резиденцијата во придружба на вооружени лица.

Белата куќа ја следи вонредната ситуација во Сирија, а претседателот Бајден е во постојан контакт со регионалните партнери соопштија оттаму. Соединетите Држави ќе го задржат своето присуство во источна Сирија и ќе преземат неопходни мерки за да се спречи обновувањето на Исламската држава, порача заменик помошникот секретар за одбрана за Блискиот Исток.

-Ќе продолжиме тесно да се консултираме со регионалните партнери кои се погодени од оваа криза за да ги поддржиме нивните безбедносни потреби. Нашата посветеност кон нив останува посилна од кога било. Ние, исто така, ќе продолжиме да го одржуваме нашето присуство во источна Сирија, што е единствено за да обезбеди траен пораз на ИСИС и нема никаква врска со другите аспекти на овој конфликт, ќе продолжиме да ги преземаме неопходните мерки за одбрана на нашите сили и нашите партнери и за да се спречи повторното заживување на ИСИС во источна Сирија“, изјави Даниел Шапиро заменик помошник секретар за одбрана за Блискиот Исток.

Според новоизбраниот американски претседател Трамп пак Башар ал Асад побегнал од совојата земја откако ја загабил поддршката од Русија.

Во првото официјално соопштение на Москва која важи за клучен сојузник на Башар ал Асад, се вели дека сирискиот претседател ја напуштил функцијата и земјата откако наредил мирно предавање на власта, но дека Русија не учествувала во дискусиите околу неговото заминување.

-Руските воени бази во Сирија се ставени во состојба на готовност, но во моментов нема сериозна закана за нив. Москва е во контакт со сите сириски опозициски групи и ги повикува сите страни да се воздржат од насилство, стои во соопштението.

Поради влошената безбедносна состојба Македонското МНР апелира македонските граѓани да ја напуштат Сирија во првата можна прилика.

-Исто така, апелираме да се одложат сите патувања кон оваа држава. Постои можност за натамошно влошување на ситуацијата, а со тоа и намалени можности за навремено напуштање на Сирија, се вели во соопштението во кое се посочени и неопходните контакти за граѓаните.