Пекарската индустрија се соочува со недостиг на кадар
Дефицит од кадар во пекарската индустрија. Младите не се заинтересирани за работа во овој сектор и останаа само повозрасните, велат од пекарската фела во Штип. Огласи за вработување постојано се објавуваат, но никој не се пријавува, за што сметаат дека треба да интервенира државата, зошто ќе се доведеме до ситуација да нема кој да прави леб.
-Нема луѓе кои сакаат да станат пекари, ќе биде тешко во иднина, бидејќи знаеме дека младите одат во странство. Во догледно време не знам како ќе биде, треба овде државата да преземе нешто, да отвори школи за пекари, да доаѓаат на пракса, да го учат занаетот, да видат дека е потребен за општеството, изјави Николче Малинов, сопственик на пекара
Малинов смета дека цената од 30 денари за еден леб во моментот е реална и ги покрива производствените трошоци, а мора да се има предвид и стимулацијата на вработените и покачувањето на нивните плати.
-Можно е да има некое намалување од денар или два, не знам колку тоа ќе им значи на граѓаните. Трошоците за брашно и другите состојки кои влегуваат во производството на лебот не се толку скапи, колку што во последно време платите се покачуваат, бидејќи немаме работна сила и мора да ги покачуваме, а секако тоа влијае на цената на лебот. Владата донесе одлука и ние ќе ја почитуваме, додаде Малинов
Интересно е, додава Малинов, што во последно време граѓаните преферираат здрава храна, па наместо традиционалниот ТИП 500, се почесто го одбираат црниот ‘ржен леб
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар