Македонија
17. October 2024 - 16:39

Почна дијалогот со Бугарија за изградба на пругата – Македонија не отстапува од заеднички проект со пониска цена

По неколку пропаднати обиди, Македонија и Бугарија во Брисел го започнаа дијалогот за заеднички да ја продолжат изградбата на пругата која е дел од Коридорот 8. Со посредство на претставници на ЕК средбата се одржала на ниво на државни секретари, онака како што инсистираше бугарската страна. Македонските претставници биле децидни дека  не може да се прифати реализација на проект кој што завршува во тунел за кој во Бугарија нема проект. Министерот николовски останува на ставот дека постоечкиот проект е неприфатлив, бидејќи цената е превисока.

Од министерството за транспорт велат дека единствен услов прифатлив за Македонија за реализација на овој проект е доколку Бугарија започне со проектирање на тунелската цевка и двете земји заеднички да извршат пробивање на тунелот со што овој проект би имал смисла и би се остварила целта на регионална интеграција како дел од европската транспортна мрежа.

Бугарската страна пак порачала дека во овој момент нема проект на кој би работеле на доизградба на железницата до границата со Македонија и изградба на тунел, но изразиле подготвеност да започнат со изработка на проект кој би бил готов во 2026 година.

Опозициската СДСМ реагира дека ниту тунелот бил слеп, ниту ќе се менува трасата за пругата. Обвинуваат дека се што зборувал Николовски било лага.

До крајот на месецот на нова средба ќе бидат договарани детали за заедничката реализација на проектот.