Македонија
5. December 2024 - 12:34

Повеќе од 20 денови Берово без чиста вода за пиење

Повеќе од 20 денови беровчани без чиста вода за пиење и готвење. Во водата од водоснабдителниот систем е регистрирано поголеме количество манган од дозволеното. Во меѓувреме граѓаните со вода за пиење се снабдуваат со цистерни.

- Имаме ние филтер станица кај Беровско езеро и од таму водата според анализите на мострите кои ги зема АХВ е исправна и од таму се црпи вода и се носи во градот. Со самото тоа што водата не е за целосна употреба е на товар на граѓаните, мора да се симнуваат да полнат вода од цистерни. Далеку подобро би било кога водата би била исправна во самата мрежа, изјави Звонко Пекевски, градоначалник на Берово.

Пекевски се надева дека последните анализи ќе покажат дека количината на манган е во рамки на нормала, односно, 0,05 милиграма на еден литар. 

- Се прават последните мерења, за да видиме што ќе покажат новите анализи. Водоснабдувањето оди по распоред кој е направен од страна на ЈКП „Услуга“ од Берово, редовно. Во перидите кога има пониски температури малку доцнат возилата со достава на пивка вода, но верувам дека граѓаните ќе имаат разбирање, додаде Пекевски.

Водата во Берово е забранета за пиење и готвење од 13 номеври, со наредба на АХВ. Најпрво граѓаните се снабдуваа со вода за пиење од Делчево, со цистерни кои беа обезбедени од страна на беровското ЈКП „Услуга“.