Македонија
22. August 2024 - 16:37

Позитивни сигнали по состанокот меѓу Арсовска и советниците

Скопје ќе се спасува во последен момент. Програмите на јавните претпријатија ќе добијат зелено светло и ќе може да се ангажираат 120 сезонски работници во Комуналец, за кои Арсовска рече дека се потребни за чистење на ѓубрето низ градот.

Ова следи откако денеска премиерот Мицкоски ги замоли советниците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата да кренат рака, но смета дека тоа нема ништо да смени.

На двочасовниот состанок зад затворени врати меѓу Арсовска, советниците и директорите на ЈСП, Комунална Хигиена и Паркови и зеленило се дискутирало и за владиниот предлог - пари кои стојат неискористени за инфраструктурен проект во Скопје да се префрлат на сметката на ЈСП за поправка на расипани автобуси, изјави претседателот на советот, Славески.

Долгот од 8 милиони евра за бесплатниот превоз на студентите ќе се исплаќа на рати оти е наталожен долго време, односно минатата власт не префрлала по два милиони евра секоја година и сега буџетот не е во можност да ги плати сите наеднаш, вели тој.

Охрабрува она што директорот го кажа, а тоа е дека, по негова проценка, дури 30 автобуси би можеле да бидат поправени, рехабилитирани, и да се стават во функција доколку се префрлат овие средства од страна на Владата и започнување на сервисирање на овој долг што претходната влада го направи од 8 милиони евра кон ЈСП“ – Трајко Славески, претседател на совет на Град Скопје

Директорот на ЈСП, Кушовски, побарал од советниците на следната седница да ја одобрат набавката на нови автобуси и да се откочи проектот БРТ од мандатот на Шилегов.

За набавка на нови автобуси треба да ги видиме условите по кои градот треба да ги набави, кредитот и каматната стапка итн. До нас денеска не беше доставено ништо такво, колку би чинеле нови автобуси, колку би била рата за тие автобуси, немавме таков податок“ – Мартин Стојановски, советник на ВМРО-ДПМНЕ

Тоа не е процес во којшто за два дена може да ги набавиме тие автобуси. Едноставно, потребата од гласање на таа предлог одлука за набавка на нови автобуси ќе трае година, година и половина, ќе фати нова градска администрација“ – Гордан Шутаров, советник на СДСМ

Арсовска не се појави по средбата, а координацијата следи по состанокот со премиерот Мицкоски во понеделникот.

Седница на советот е закажана за следниот четврток.