Преглед на вестите од светот
Германскиот канцелар Фридрих Мерц ги повика лидерите на Европската Унија да постигнат договор за користење на руските државни средства замрзнати во Унијата за финансиска поддршка на Украина – предлог што се очекува да доминира на Самитот во Брисел, кој почнува денеска.
Тој ја нагласи потребата да се испрати „јасен сигнал до Русија“ дека продолжувањето на војната против Украина е бесмислено. Германскиот канцелар е еден од главните поддржувачи на предлогот на Европската комисија за користење околу 210 милијарди евра руски средства, кои се под санкции на ЕУ, за обезбедување заеми за Украина, со цел земјата да може да продолжи да се брани во наредните две години. Мерц оцени дека шансите лидерите на ЕУ да постигнат договор на Самитот се „педесет на педесет“.
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски денеска ќе присуствува на Самитот на лидери на Европска Унија во Брисел. Тој на Самитот ќе се обиде да обезбеди поддршка за заемот поддржан од рускиот имот.
Претседателот Владимир Путин изјави дека Русија ќе заземе повеќе територија во Украина со сила ако Киев и европските политичари, кои тој ги нарече „млади прасиња“, не се ангажираат околу американските предлози за мировен договор. Се очекува американските и руските преговарачи да одржат разговори во Мајами, овој викенд со цел да се стави крај на украинската криза.
Русија е подготвена да преговара и мирно да ги реши сите проблеми што се појавија во последните години, изјави Путин. На состанокот, Путин, исто така, го критикуваше Западот за започнувањето на тековниот конфликт меѓу Русија и Украина. Забележувајќи дека претходната американска администрација намерно ја насочи ситуацијата кон вооружена конфронтација, Путин рече дека Русија во моментов е во дијалог со сегашната американска администрација и изрази надеж за слични разговори со Европа.
Група граѓани се собраа на протест против воведувањето на еврото пред зградата на Бугарската народна банка (БНБ) во Софија. Организатор на собирот, кој е уредно пријавен во Градската општина, е здружението „Дојран 2025“. Демонстрантите носеа транспаренти со пораки: „Не за еврото“, „Време е да те слушнат, не за еврото“, „Што ќе ни е еврото, ако ја изгубиме Бугарија“, како и барања за „Директна демократија со референдуми“, поддршка за левот и врски со Русија. На местото на настанот имаше засилено полициско присуство, јави БТА
Властите на Сараево издадоа предупредување за квалитетот на воздухот и воведоа забрана за движење за некои автомобили и камиони откако градот беше рангиран како најзагаден град во светот претходните две вечери.
Кантоналната влада на Сараево презеде мерки откако квалитетот на воздухот во босанската престолнина достигна опасни нивоа по неколкудневните магла и смог што го покрија градот со околу 350.000 жители. Забрани камиони со тежина над 3,5 тони и автомобили и камиони што не ги исполнуваат стандардите утврдени од Европската Унија да возат во градот и забрани градежни работи на отворени површини. Јавните собири на отворено беа исто така забранети. Експертите велат дека главните извори на загадување се околу 40.000 домаќинства кои главно користат огревно дрво и јаглен за зимско греење и транспорт. Босна има меѓу највисоките нивоа на загадување со (PM2.5) во Европа.
-

Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар
