Loading Video...
Свет
24. February 2026 - 12:25

Преглед на вестите од светот

На четиригодишнината од војната, европските лидери ќе ја посетат Украина за да ја изразат својата солидарност со земјата, откако пред четири години, Русија ја нападна Украина започнувајќи ја најголемата војна на европско тло од 1945 година. Руските сили влегоа во Украина од повеќе правци, од територијата на Русија, Белорусија и окупираниот Крим, брзо напредувајќи кон главниот град Киев и други поголеми градови. Жителите на Киев застанаа мирно додека градот одбележуваше со молчење по повод четвртата годишнина од целосната инвазија на Русија врз Украина. 

Европска Унија не успеа да го усвои новиот пакет санкции кон Русија ниту одобри поголем заем за Украина поради приговорите од Унгарија, изјави високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас. Будимпешта за време на викендот се закани дека ќе ја блокира одлуката за санкции кон Русија и заемот од 90 милијарди евра за Украина, за што претходно се согласи. Унгарија наведе дека нема да го смени ставот сè додека не биде обновена испораката на руска нафта преку Украина односно преку нафтоводот Дружба, кој е оштетен во јануари при руски напад.

Најмалку 74 лица загинаа во Мексико, вклучувајќи и 25 припадници на Националната гарда, во операцијата во која беше убиен водачот на картелот „Ел Менчо“ и во насилството што следуваше, соопшти синоќа министерот за безбедност Омар Гарсија Харфуч.

Улиците во Гвадалахара, еден од најголемите градови во Мексико, останаа застрашувачки тивки во понеделникот, откако жителите останаа дома, а продавниците останаа затворени, ден откако избувнаа насилни немири како одговор на смртта на Немесио Осегуера, алијас „Ел Менчо“, водач на картелот „Нова генерација Халиско“. Како превентивна мерка, низ Халиско и неколку други држави, училиштата и универзитетите ги откажаа часовите.

Силна снежна бура со изобилни врнежи на снег низ делови од североисточниот дел на САД во понеделник го доведоа сообраќајот до застој за речиси милиони жители, бидејќи опасните услови ги затворија патиштата, го прекинаа железничкиот сообраќај и доведоа до откажување на околу 5.700 летови. Бурата, исто така, остави речиси 400.000 домови без електрична енергија низ североисточниот дел на САД.

Поради силна зимска бура, градоначалникот на Њујорк, прогласи вонредна состојба во градот. Њујорк, кој е и најголемиот училиштен округ во САД, нареди затворање на сите јавни училишта поради невремето, а денеска немаше ниту настава на далечина и сите воннаставни програми се откажани. Поради бурата, затворен беше и комплексот на седиштето на Обединетите нации на Менхетен.

Според прогнозата на метеоролозите, на североистокот на САД се очекуваа до 60 сантиметри снег, а ударите на ветерот би можеле да достигнат 110 километри на час, што го зголемува ризикот од паѓање на дрвја и прекин на струја, според податоците на Министерството за национална безбедност. Сепак имаше и граѓани, а пред се децата кои уживаа и се радуваа на снежните врнежи.