Loading Video...
Свет
14. March 2024 - 12:18

Преглед на вестите од светот

Земјотрес со јачина од 5,3 степени според Рихтеровата скала утрово е регистриран во Црна Гора во 04:06 часот, во близина на градот Плужине, или 32 км северозападно од Никшиќ. По овој земјотрес имало уште неколку, а последниот посилен во тој регион бил во 7:05 на 15 километри североисточно од Билеќа, Босна и Херцеговина. Нема информации дека некаде има значителна материјална штета.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен изјави дека американската Влада постојано предупредува дека нема да ја поддржи израелската инвазија на Рафа без „јасен“ план за заштита на повеќе од еден милион раселени Палестинците. Но „сè уште не виделе таков план“. Ако има воена операција, треба да има план што ќе обезбеди за цивилите да имаат засолниште, храна и лекови, рече Блинкен.

Американскиот државен секретар на прес-конференција изјави дека САД изразуваат сочувство до семејствата во бомбардирањето на објектот за дистрибуција на помош управуван од Агенцијата на ОН за помош и работа за палестинските бегалци (UNRWA). 

Во соопштението на Агенцијата (УНРВА) се наведува дека најмалку еден член на персоналот е убиен, а 22 други се повредени во израелскиот напад.

Блинкен призна дека не ги знае сите факти за овој инцидент, но потврди дека за тоа разговарал со претставници на израелската армија, кои му рекле дека истрагата за нападот е во тек.

Израелската армија истакна дека во нападот бил убиен Абу Хасна, кого го опишува како милитант кој обезбедувал разузнавачки информации за позициите на израелските сили и, како што е наведено, „исто така бил вклучен во контролата на хуманитарната помош и испраќањето на таа помош до терористите на Хамас“.

Хамас рече дека Абу Хасна бил член на нивните полициски сили и го нарече неговото убиство „кукавички чин“ чија цел е да ја попречи дистрибуцијата на помошта. Во меѓувреме се интензивираат повеќе алтернативи за обезбедување хуманитарна помош, особено што Обединетите нации предупредија на глад во Појасот Газа и дека состојбата е веќе алармантна во крајбрежната енклава од 2,3 милиони луѓе.

Едно лице загина, а три се повредени во украинските напади врз рускиот пограничен регион Белгород, соопштија руските власти рано утринава, пренесе ДПА.

Во нападот се оштетени и неколку згради. Руското Министерство за одбрана, претходно соопшти дека осум украински проектили биле соборени од противвоздушната одбрана при нивното приближување до Белгород.

Рускиот претседател Владимир Путин ги повика граѓаните, вклучително и гласачите во анектираните делови на Украина, да се обединат во одредувањето на иднината на Русија со гласање на претседателските избори оваа недела, на кои, според анкетите, тој повторно ќе победи.

„Секој глас што ќе го дадете е ценет и значаен“, им порача Путин на граѓаните и ги повика да го искористат своето право на глас во следните три дена. Путин (71), кој е на власт како претседател или премиер од 2000 година, се соочува со тројца противкандидати, а ниту еден не го критикуваше и сите тројца ја поддржуваат „специјалната воена операција“ во Украина.