Loading Video...
Свет
18. March 2024 - 12:14

Преглед на вестите од светот

Владимир Путин ја оствари најубедливата изборна победа во постсоветската ера во Русија, со која ќе ја зацементира својата власт најмалку до 2030 година, а во својот победнички говор истакна дека со право му се спротивставил на западот и ја нападнал Украина. Путин, кој освоил 87,8% гласови на тридневните претседателски избори, изјави дека овој резултат ќе испрати јасна порака до западот дека неговите лидери ќе мора да се соочат со охрабрена Русија уште многу години. Во својот победнички говор, Путин кажа дека меѓу неговите приоритети ќе бидат разврската на „специјалната воена операција“ во Украина и зајакнувањето на војската. Ниту еден од против кандидатите не успеа да освои повеќе од 4 %. Ова се први претседателски избори на кои гласаа и жителите на четирите украински региони - регионите Доњецк, Луганск, Запорожје и Херсон, а Путин убедливо води и во украинските региони.

Украина го оцени гласањето на окупираните територии како кршење на меѓународното право и го повика светот да не ги признава изборните резултати. Изборите во анектираните украински делови ги осудија и генералниот секретар на ОН Антони Гутереш и повеќе западни државници.

Со новиот шестгодишен мандат, 71-годишниот Путин ќе стане руски лидер со најдолг стаж.

Во Русија право на глас имаат околу 110 милиони граѓани. Конечните резултати од претседателските избори треба да бидат објавени најдоцна до 28 март. САД, Германија и Велика Британија кажаа дека изборите не биле ни слободни, ни фер поради цензура и немање опозиција, а претседателот на Германија, Франк-Валтер Штајнмаер нема да му честита на Владимир Путин за вчершната победа, иако тоа го направи во 2018 година, додека честитки за победата стигнаа од лидерот на Северна Кореја, Ким Џонг-Ун.

 

Во тек е „прецизна операција“ во областа на болницата „Ал Шифа“, објавија израелските одбранбени сили (ИДФ) рано утрово. Израелските сили соопштија дека разузнавачките служби укажале дека високи членови на палестинската група Хамас ја користат тешко оштетената болница „за спроведување и промовирање терористички активности“. Војниците имаат„инструкции за важноста на мерките на претпазливост, како и за мерките што треба да се преземат за да се избегне штета на пациентите, цивилите, медицинскиот персонал и медицинската опрема“, соопштија израелските сили.

Американската влада, исто така, го поддржа тврдењето на Израел дека Хамас ја користел најголемата болница во Појасот Газа како команден центар и складиште за оружје.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху уште еднаш сигнализираше дека ќе започне инвазија на Рафа, на крајниот југ на Појасот Газа и покрај критиките од меѓународните сојузници. Тој ја даде изјавата пред средбата со германскиот канцелар Олаф Шолц, кој неодамна го повтори своето противење на плановите на израелското раководство.

Тој ги повтори целите: уништување на Хамас, ослободување на сите заложници и создавање услови во кои Газа „повеќе не е закана“.

„За да го постигнеме тоа, ќе дејствуваме во Рафа“, изјави Нетанјаху.