Loading Video...
Свет
19. April 2024 - 12:21

Преглед на вестите од светот

Израел рано утринава го нападна Иран. Нападнати се цели во близина на градот Исфахан, каде што наводно се наоѓаат иранските нуклеарни постројки. Иранските државни медиуми ги отфрлија информациите за ракетни напади врз Иран и ситуацијата е во државата е мирна. Во текот на ноќта на небото над иранската провинција Исфахан биле погодени неколку мали летечки објекти. Претходно имаше извештаи за експлозија во градот Исфахан, која според државните медиуми била предизвикана од страна на противвоздушната одбрана. Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) објави дека нема штета на иранските нуклеарни постројки, откако Израел изврши одмазнички напади. Воедно иранските медиуми дека нема „голема штета“ откако биле регистрирани експлозии во близина на централниот град Исфахан.

Летовите во Иран, кои утринава беа суспендирани над неколку градови и провинции, се повторно воспоставени, јавува иранската новинска агенција ИРНА. Специјализираниот портал Flight Radar 24, пак, наведува дека аеродромите во Техеран, Шираз и Исфахан се сè уште затворени, додека воздушниот сообраќај е воспоставен на западот на земјата.

Соединетите Американски Држави ставија вето на нацрт-резолуцијата на Советот за безбедност на ОН за „државата Палестина да биде прифатена како членка на Обединетите нации“.

На гласањето исходот беше - 12 гласа „за“, еден против и два воздржани.Инаку, нацрт-резолуцијата беше претставена од Алжир и „препорачува на Генералното собрание државата Палестина да биде примена во членството на ОН“.  За прием на една земја во ОН, мора прво да добие позитивна препорака од Советот за безбедност (најмалку девет од 15 гласови и без вето од која било постојана членка), а потоа да биде одобрена од Генералното собрание на ОН со двотретинско мнозинство.

Во септември 2011 година, претседателот на палестинската управа, Махмуд Абас, ја покрена процедурата, барајќи „пристапување на државата Палестина во ОН“, но оттогаш постапката не е завршена. И тогаш САД ставија вето.  Во ноември 2012 година, палестинската самоуправа доби статус на „држава набљудувач која не е членка“ на ОН. Палестинците го ажурираа своето барање за членство во ОН со писмо до Советот за безбедност на ОН на почетокот на април, укажувајќи на израелската офанзива во Газа.

Бомбардер Ту-22М3 на Воздухопловните сили на Русија се урна на територијата Ставропол по завршување на борбена мисија при враќање на матичниот аеродром, соопшти Министерството за одбрана на Руската Федерација. Во авионот имало четиричлен екипаж која се катапултирал при инцидентот. Тројца од нив се пронајдени, а спасувачките тимови сè уште трагаат по еден член на екипажот. Според информациите на руските медиуми бомбардерот се урнал поради „технички дефект“.