Loading Video...
Свет
21. April 2024 - 16:30

Преглед на вестите од светот

САД ОДОБРИ 61 МИЛИЈАРДА ДОЛАРИ ЗА ВОЕНА ПОМОШ ЗА УКРАИНА

Претставничкиот дом на САД изгласа пакет за безбедносна помош вреден 95 милијарди долари за Украина, Израел и Тајван.

Во пакетот предвидени се над 60 милијарди долари за Украина, 26 милијарди за Израел и 8 милијарди за Индо-Пацификот.

Украинскиот претседател ја поздрави новата американска помош за Украина.

„Виталниот закон за американската помош кој денеска е усвоен, ќе спречат ширење на војната, ќе спасат илјадници живот и ќе помогне на нашите нации да зајакнат. Праведен мир и сигурност може да се постигне само со сила“, вели Зеленски.

Москва, пак, тврди дека американската помош за Украина, Израел и Тајван ќе ја влоши светската криза.

„Воената поддршка за режимот во Киев е директна финансиска помош за терористичките активности. Помошта за Тајван е мешање во внатрешните работи на Кина. Помошта за Израел е директен начин за невидено зголемување на тензиите во регионот“, напиша портпаролката на руското МНР, Марија Захарова.

Украинците во Киев денеска прославија.

„На прв поглед, 61 милијарда долари можеби не изгледаат многу, но тоа ни дава шанса да добиеме оружје што е можно поскоро и да ги исфрлиме руските напаѓачи од Украина. Верувам дека иако оваа помош е за следните пет години, ние сакаме војната да заврши порано и правиме се што можеме“ – граѓанин

Предлог-законот сега оди во американскиот Сенат.

АМЕРИКА НА ЧЕКОР ДА ГО ЗАБРАНИ ТИКТОК

Со 360 гласа „за“ и  58 „против“, Претставничкиот дом на американскиот Конгрес усвои закон кој предвидува забрана на ТикТок, ако неговиот кинески сопственик „Бајтденс“ не го продаде на американскиот пазар во рок од девет месеци.

За нацрт-законот ќе се гласа следната недела, а американскиот претседател Џо Бајден изјави дека ќе го потпише.

Претставниците на националната безбедност во Вашингтон стравуваат дека кинеската влада би можела да го користи ТикТок за промовирање пропаганда за американските избори или за следење на корисниците, иако не постои јавен доказ за нешто такво.

Според информациите, апликацијата ја користат 170 милиони Американци.

ОПАСНИ ПОПЛАВИ Ѝ СЕ ЗАКАНУВААТ НА КИНЕСКА ПРОВИНЦИЈА, НАД 127 МИЛИОНИ ЛУЃЕ ЕВАКУИРАНИ

Кинеската провинција Гуангдонг се соочува со опасни поплави, поради што денеска е одобрен акционен план за итни случаи за да се заштитат повеќе од 127 милиони луѓе.

Нарекувајќи ја ситуацијата „мрачна“, метеоролозите рекоа дека делови од реките го достигнуваат највисокото ниво, што се случува само еднаш во 50 години.

Веќе е почната доставата на храна, облека и вода за погодените луѓе.

Во соседната провинција Гуангкси, силните ветрови уништија згради, а некои места беа погодени и од град и големи поплави.