Македонија
23. February 2025 - 16:39

Премиерот Мицкоски негира партиски вработувања во администрацијата, СДСМ бара истрага

СДСМ обвинува дека во јавноста веќе се објавуваат списоци од партијата на Меџити со лица кои се приоритет за вработување. Опозицијата и денеска бара да се истражат најавите за како што велат најголемата партизација на јавната администрација досега. Скандалот е уште поголем што најавите доаѓаат во пресрет на локалните избори. 

Пред локалните избори власта спремила робусно полнење на администрацијата со партиски послушници, додека компетентните луѓе и младите остануваат без никаква шанса. Затоа Македонија ги губи младите, поради корупција, партиски клиентелизам и нееднакви можности. Способните си заминуваат бидејќи знаењето се заменува со партиски кадри. Овој огромен, робусен скандал со најголема партизација на институциите мора да биде целосно расчистен, вели Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ

Списоци може да прави кој сака, но партиски вработувања во јавната администрација нема да се случат, вели премиерот Мицкоски. Вработувања ќе има онаму каде ќе има потреба, но според квалификации, а не по партиска или етничка основа.

Ќе направиме Закон за правична застапеност бидејќи овој што го направија претходните, Уставен суд го поништи. Бадинтерот е уставна категорија. Ние мораме да го усогласиме законодавството согласно уставната категорија. Може некој да си прави списоци, но, додека јас сум премиер, таква работа нема да се случи, кажа премиерот Мицкоски

Иако вицепремиерот Меџити ретерираше од најавата дека ќе се вработуваат 2000 до 3000 Албанци во администрацијата, сепак неговата изјава трет ден предизвикува партиски и политички реакции. Пред Мицкоски, ваквите најави ги негираа и министерот за администрација Минчев и министерката за финансии.