Прилеп конечно после години доби проект за нов театар
Прилеп конечно доби проект за нов театар кој се изработува уште од 2021 година. Пари засега се уште никој нема кажано дали ќе има. Досега имаше само идејно решение, кое не било поткрепено со проект. Со новиот проект сега се прават и измени на тоа идејно решение. Односно проектот за театарот се дели на два дела, еден проект кој што ќе се однесува на целосна реконструкција на сегашната зграда на Центарпт за култура која чини 9 милиони евра и сосема нов проект за изградба на нов театар кој чини 18 милиони евра. Новиот театар ќе се гради на претходно утврдената локација, како доградба на НУЦК „Марко Цепенков“, кој ќе ги опфаќа сегашната галерија, каферијата Арт, киното Мис Стон и просторот на старото диско Медуза.
„Значи се става пресек до почетокот на Галеријата. Тој објект комплетно се турка и се гради нов проект за потребите на театарот. Предвидена е една театарска сала со 2 гледалишта. Едното гледалиште е со капацитет од 275 седишта, а другото со околу 100 седишта. Ова помало, бочно гледалиште ќе биде наменето и за кино проекции“, истакна Марија Попова Јованоска, директорка на Центар за култура Прилеп.
Инаку овој проект е ветуван со години наназад, но никој засега не го реализираше. Театарот во Прилеп функционира во премногу стар и разрушен објект, без потребните услови за работа во него на актерите.
„Се надеваме дека државата, општината и општествено одгоорните компании ќе најдеме начин во иднина да го реализираме овој проект, тоа е секако во полза на граѓаните и секако за културата и уметноста во Прилеп. Затоа што театарот работи во многу стар објект, а наредната година прославува 75 години од формирањето, а пак НУЦК „Марко Цепенков“ веќе 45 години е репрезент на уметноста и културата во градот“, кажа Попова Јованоска.
Во моментов се чекало од Транспорт и врски одобрение за градба на овој проект и секако пари за старт на негова реализзација.
-
Дарко Штарговски
Сите содржини од овој новинар