Приведени 343 лица на протестите во Турција
Турските власти привеле 343 лица на протестите што се одржаа синоќа во повеќе градови во Турција поради апсењето на градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, главен ривал на претседателот Реџеп Таип Ердоган, пренесува ДПА.
Демонстрации се одржаа во десетина градови во Турција, вклучувајќи ги Истанбул и престолнината Анкара.
Турското Министерство за внатрешни работи соопшти дека приведувањата се направени за да се спречат „нарушувања на јавниот ред“ и предупреди дека властите нема да толерираат „хаос и провокации“.
Десетици илјади Турци учествуваат во главно мирни протести од средата, кога Имамоглу беше приведен под обвинение за корупција и помагање на терористичка група, заедно со уште 103 други осомничени.
Имамоглу се смета и за сигурен кандидат на главната опозициска Народна републиканска партија (НРП) за претседателските избори во 2028 година.
НРП негираше какви било злоупотреби од Имамоглу и го оцени случајот како политички мотивиран, повикувајќи на мирни протести и покрај забраната на властите за одржување јавни собири.
Министерот за внатрешни работи Али Јерликаја и министерот за правда Јилмаз Тунч го осудија повикот за протести и го опишаа како „неодговорен“. Јерликаја ги обвини демонстрантите дека сакаат да „го нарушат јавниот ред и да предизвикаат хаос“.
Имамоглу, пак, ги пофали протестите за кои рече дека се насочени кон заштита на „демократијата“. Се очекува тој денеска да даде исказ во полицијата во Истанбул каде што е задржан од средата, а потоа да биде изведен пред суд.
Ако Имамоглу биде осуден за тероризам, турскиот закон им дозволува на властите да го заменат на градоналничкото место со свој функционер.
Ново на Сител
-
Во Штип мирен марш за загинатите во трагедијата во Кочани
-
За 24 осомничени лица за трагедијата во Кочани определен 30 дневен притвор
-
Омерагиќ: Приходот од влезниците за мечот со Велс ќе биде дониран за настраданите во Кочани
-
Тринаесет лица повредени во Париз во потера по автомобил кој одбил да застане
-
Ромската фондација за Европа одлучи да донира 10.000 евра за поддршка на семејствата на жртвите во пожарот во Кочани
-
Модриќ сака да остане во Реал Мадрид уште една година и да се пензионира во дресот на „белите“
-
Папата Франциск утре ќе биде пуштен од болница
-
Почина Светлана, внуката на Јосип Броз Тито