Македонија
20. јуни 2024 - 19:50

Пропадна аукцијата за 15% од потребите на ЕВН Хоум - ЕСМ понуди струја за 60 евра мегават час

Заврши аукцијата за набавка на електрична енергија. ЕСМ на универзалниот снабдувач ЕВН Хоме му понуди стрја по цена од 60 евра за мегаватчас за 85% од нивните потреби. За останатите 15% пропадна аукцијата. Се јавиле три компании, Диферцо МК, ЕСМ Продажба и Соле24. Но според ЕВН, понудената цена била за околу два и пол пати повиsoка.

-Управниот одбор на ЕВН Хоме донесе одлука да ја прифати понудата од АД ЕСМ за 85% од потребите, додека за останатите потреби од 15%, понудите на компаниите не беа прифатени од страна на ЕВН Хоме поради значително повисоките цени во однос на пазарните во моментот, велат од ЕВН.

Според компанијата, сега за нив претстојува голем предизвик за завршување на целиот процес на лиценцирање во Регулаторната комисија, бидејќи рокот е краток до престанувањето на важноста на постојната лиценца.

 Во меѓувреме, пратениците од владејачката коалиција поднесоа предлог дополнување на Законот за енергетика по скратена постапка. Со нив треба да се скратат процедурите во Регулаторната комисија за лиценцирање на универзалниот снабдувач, но според мандатарот Мицкоски и да се спречи раст на цената на струјата. Очекувањата се дека тие ќе бидат донесени веќе следната недела откако викендов ќе биде изгласан новиот состав на Владата.

-Домаќинствата коишто се во првата и втората група нема да добијат зголемени сметки за електрична енергија, а исто така очекуваме и оние кои влегуваат во третата и четвртата група, зголемувањето на цената на електрична енергија да не биде значителна, туку да се движи меѓу 1 и 2%. Едноставно, РКЕ да има можност со овој закон да може на старо-новиот универзален снабдувач веднаш само да му ја скрати важноста на лиценцата за снабдување на сите оние потрошувачи коишто се на регулираниот пазар, вели Мицкоски.

Во наредните денови РКЕ ќе ја донесе новата цената на струјата која ќе важи од 1 јули до крајот на годината. Во крајната цена на електричната енергија влегуваат цената по која ЕСМ ја продава струјата на ЕВН Хоме, цената на Преносниот систем оператор МЕПСО, цената на Операторот на пазар на електрична енергија МЕМО, како и цената на Дистрибутивниот систем оператор Електродистрибуција.