Работна група од влада ќе ги „чешла“ деталите од бугарскиот предлог за железничкиот тунел
Повеќе од четири месеци нема комуникација меѓу преговарачките тимови од македонска и бугарска страна за изнаоѓање на решение за изградба на железничката пруга дел од коридорот 8. И покрај испратените покани од Скопје, наместо одговор за нова средба испратен е бугарски нацрт договор за изградба на граничниот железнички тунел. Текстот е разгледан на владина седница и работна група во која се министрите Николовски, Димитриевска-Кочовска, Муцунски и директорот на железници Ивановски ќе ги договараат деталите за изаоѓање решение.
Николовски во комуникација за Сител вели дека чекаат во Софија да се формира нов тим за разговори, а по првата средба ќе се стане јасно дали Бугарија е спремна да даде гаранции дека ќе го почитува договореното.
А токму изградбата на тунелот од бугарска страна останува клучниот услов за македонската страна, вели првиот човек на Железници.
Ивановски вели дека Македонија е подготвена за завршување на работите за кои веќе 30 години се постигнуваат договори, но нема одговор од Бугарија.
Според соопштението на бугарското министерство за транспорт, нивниот предлог е двете влади да преземат конкретни и јасни обврски за реализација на проектот. Според предлогот, двете држави ќе се договорат која ќе одговара за изградба на прекуграничниот објект, за јавни набавки и за надзор на изградбата.
Од македонското министерството за транспорт неколкупати порачаа дека единствен услов прифатлив за Македонија за реализација на овој проект е доколку Бугарија започне со проектирање на тунелската цевка и двете земји заеднички да извршат пробивање на тунелот со што овој проект би имал смисла и би се остварила целта на регионална интеграција како дел од европската транспортна мрежа.
-
Ивана Соколовиќ Најдовa
Сите содржини од овој новинар