Рокот на концесионерот истече, блатинчани бараат стоп за изградба на хидроцентралата
Жителите на село Блатец кои повеќе недели со механизација и жив штит ја бранат изградбата на минихидроцентрала на река Блатешница, побараа раскинување на концесијата. Продолжениот рок за концесионерот од страна на Владата, лани на 3 октомври завршува денеска, поради што мештаните доставија ново барање за трајна заштита на реката, а за тоа наведуваат 3 причини.
- Концесионерот воопшто не започнал со исполнување на обврските за заштита на животната средина, односно не е направено проценка на влијанието на проектот врз животната средина. Втора причина е што концесионерот сторил повреда на Уставот, владеењето на правото на здрава животна средина и трета причина е тоа што одобрението за градење на хидроцентрала е престанато, изјави Блаже Анакиевски, претседател на МЗ на село Блатец.
Овој проблем се провлекува со години наназад и многу пати досега биле изманипулирани, а градежна механизација често се појавува ненајавено. Блатинчани ќе останат на барикадите, но во редуциран состав.
- Блокадата како блокада, се уште си е легално пријавена во МВР, но дежурствата ќе бидат сведени на минимум, за да не ни избега состојбата од контрола, додаде Анакиевски.
Исходот од барањето за раскинување на концесијата сега е во рацете на институциите, но жителите на Блатец порачуваат дека нема да се откажат од намерата да ја зачуваат реката. За нив, Блатешница не е само природен ресурс, туку дел од животот и иднината на селото.
-

Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар
