Македонија
2. July 2024 - 16:37

Салите кои беа поплавени во ГОБ 8-ми Септември уште не се во функција

Пет операциони сали и шок соба во ГОБ 8-ми септември чекаат негативни брисеви од ДСЗИ за да можат да бидат вратени во функција. Минатонеделните поројни дождови предизвикаа поплави во болницата и го пореметија оперативниот програм на лекарите. Вработените стравуваат пак да не дојде до врнежи внатре во салите по прогнозите на УХМР.

Од трети кат хирурзите се симнаа во салите на приземје кај Ургентен каде адаптирале и просторија за пациенти после операција.

 Засега нема податоци колку интервенции кои не се итни биле пролонгирани а градежна фирма уште минатата недела била повикана да направи увид на кровната конструкција. Ова не е прв пат да има поплава во болницата бидејќи и пред 6 месеци имало протекување во истите сали. 

Во установата изминатиот период работат под притисок бидејќи ги згрижуваат сите пациенти кои не можат да бидат третирани на хируршките клиники поради проблемот со оперативниот блок. 

Министерот за здравство најави дека со нова компресорска станица ќе биде решен хаосот на хирургија, а за ГОБ 8-ми септември ќе бара одговорност за поплавените сали. 

Во услови кога на Клинички функционираат со преодно решение а другите со селење од еден кат на друг, најголем притисок трпат болните и персоналот.